Македонија
Порастот на ДДВ го полни буџетот со парите на сиромашните, велат од партијата Левица
„Повторно елитите на партиите од власта СДС и ДУИ, исполнувајќи ги желбите на нивните пријатели од олигархијата ги угнетуваат обичните луѓе и нивната економска моќ.
Неопходно е да се зголеми уделот на данокот во буџетот, но тоа мора да се направи даночејќи ги оние кои најмногу профитираат од инфраструктурата на Република Македонија. Левица, од позиција на власт, ќе воведе вистински данок на луксузни добра, ќе воведе прогресивно даночење на добивката на најпрофитабилните компании, ќе ја казни експлоатацијата со повисоки даноци за фирмите кои прават енормни профити, а исплаќаат ниски плати, и прогресивно ќе го оданочи личниот доход на олигархијата.
ДДВ-то, како данок на консумпција, диспропорционално повеќе задира во џебот на осиромашените и работниците, отколку на богатите слоеви во Републиката. Со новите покачување на стапката на ДДВ, на продукти кои во никој случај не се луксузни добра, јазот помеѓу сиромашните и богатите уште повеќе ќе се зголемува, додека државата ги покрива дупките во буџетот со пари од џебот на сиромашните.
Социјалдемократите, кои уште од својата програма во 2016 ветуваа пофер даноци за сите, два мандати не се способни да воведат прогресивен данок. Срамежливите обиди да се протуркаат и оние две стапки на данок на личен доход беа спречени од домашната олигархија, за сега дупките во буџетот се полнат преку зголемување на данокот на додадена вредност!
Буџетот на Македонија генерално се полни со помош на задолжувања. И оној мал дел што се полни од даноци, во голема мера се полни преку данокот на додадена вредност. Таквиот данок, не само што е класно-агностичен и не диференцира помеѓу сиромашни и богати, туку е и регресивен и откорнува поголем дел од приходите на работничката класа и од оние со пониски примања, отколку од богатите!“.
Соопштение на политичката партија Левица
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

