Македонија
Портпаролот на Вреди објави дека неговиот татко е осомничениот за полов напад врз дете
Фари Хисени, портпарол на коалицијата Вреди привремено ќе ги замрзне политичките активности, откако денеска обвинителството поведе постапка против 58-годишен маж од Скопје за други полови дејствија врз малолетник, а потоа тој соопшти дека се работи за неговиот татко.
Обвинителството денес објави случај на полови дејствија од маж кон дете, а потоа на социјалните мрежи Хисеини напиша дека се работи за неговиот татко кој е осомничен во постапката.
Според опишаниот настан мажот во раните утрински часови денеска во парк во една населба го сретнал 16-годишното момче со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира.
Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција.
Хисени на својот профил на Фејсбук објави дека е длабоко шокиран и повреден од веста.
„Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! Ако оваа информација е точна, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене туку и за целото мое семејство. Само помислата да се соочам со ова ми ја пече душата! Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите постапки и за вредностите што ги поддржуваме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од моја позиција да се согледа дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите што го истражуваат ова чувствително прашање“, пишува Хисени.
Тој додава дека целиот свој живот е активист за човекови права, борејќи се против неправдата и насилството во сите нејзини форми.
„Не можам да бидам рамнодушен кон неа, без разлика од кого доаѓа. Исто така, во овие тешки моменти, понизно барам да се почитува приватноста на моето семејство што е можно повеќе. Ни треба простор за мирно да се соочиме со оваа ситуација, далеку од очите на мислењето кое само ја влошува оваа ситуација во која се наоѓаме уште повеќе!“, пишува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

