Македонија
Посебен сообраќаен режим за време на протестот на ВМРО-ДПМНЕ

Министерството за внатрешни работи информира дека поради протестот што го најави ВМРО-ДПМНЕ ќе има посебен сообраќаен режим на дел од сообраќајниците на централното подрачје на Град Скопје во периодот непосредно пред и за време на одржување на протестот.
„Од 17:00 часот е закажан протест во Скопје организиран од страна на политичка партија со релација на движење од плоштадот ВМРО, десно по улицата Даме Груев, право по улицата Васил Главинов, право по булеварот ВМРО, лево по булеварот Илинден до пред зградата на Влада. Од тие причини ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на централното подрачје на Град Скопје во периодот непосредно пред и за време на одржување на протестот“, стои во соопштението на полицијата.
Од МВР преку соопштението испратија апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Дали „Алказар енерџи“ има дозвола за градба

СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека во енергетскиот сектор се случуваат нетранспарентни зделки и побара од ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали компанијата „Алказар енерџи“ поседува одобрение за градба.
Пратеникот Јовица Јанковиќ истакна дека јавноста не знае ништо за најавените инвестиции во енергетиката, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, тежат над 1.5 милијарда евра. СДСМ побара конкретни информации за јавниот интерес, цената на струјата и бенефитот за граѓаните.
Јанковиќ рече дека државната ЕСМ произведува сѐ помалку струја, додека приватни компании како „Казанџи“ и „Алказар“ добиваат поголем удел, со што, според СДСМ, се загрозува јавниот интерес.
СДСМ повторно побара јавно објавување на дозволата за градба за „Алказар енерџи“ и повика надлежните институции да го истражат случајот.
Македонија
Мицкоски: Имаме 16 нови авиолинии, за повеќе од 20 проценти е зголемен број на странски туристи

Апсолутно сум задоволен. Имаме 16 нови дестинации. Буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари оваа година, а истиот ќе биде и следната година. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на субвенционираните летови.
Премиерот рече дека резултатите се видливи и во секторот туризам, бидејќи како што посочи за повеќе од 20 проценти е зголемен бројот на странски туристи во државата во првите 5 месеци од годината.
„Впрочем резултатите се гледаат и во секторот туризам, имаме повеќе од 20 проценти зголемен број на странски туристи во првите 5 месеци од годината. И ова се субвенции на доаѓање, практично на тие летови, не на заминување, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот кој што следи“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Петрушевски: Коцевски е штит на Сoцијалдемократскиот сојуз, делегитимиран и без интегритет

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека главниот обвинител Љупчо Коцевски избрал да биде штит на Социјалдемократскиот сојуз, а тие, како што рече, го бранат по секоја цена за да не одговараат за, според него, бројните криминали изминатите седум години.
Петрушевски истакна дека Коцевски нема легитимитет и дека со поддршка под 2 отсто од граѓаните, со интерпелација и барање од пратениците, сепак не си поднесува оставка.
Тој додаде дека, според ВМРО-ДПМНЕ, столбот на криминалот на опозициската партија е во обвинителството, и таа јавно застанала во одбрана на Коцевски за да ги заштити поранешните функционери.
Пратеникот рече дека главниот обвинител е целосно делегитимиран и нема интегритет за функцијата.