Македонија
По 6 години голгота, победи правдата, рече Силвана Бонева откога судот ја ослободи од обвинението за патните трошоци
По 6 години голгота, правдата победи! Вистината излезе на виделина. Вака експратеничката во Собранието, Силвана Бонева, ја коментира ослободителната пресуда за патните трошоци.
Основниот кривичен суд Скопје претходно донесе ослободителна пресуда за предметот „Друмарина“, каде што Бонева беше обвинета од поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО) за кривичното дело измама во службата.
„Со 21 сведок и 7.179 докази се срушија како кула од карти лагите и клеветите дека божем нешто сум злоупотребила, исто како што се сруши со години повторуваната лага дека сум била рекордер во земање патни трошоци. Наместо Oбвинителството да го докаже обвинението дека сум поднесувала лажни фискални сметки, јас докажав дека Oбвинителството како докази против мене имаше подметнато туѓи фискални сметки од други лица прикажувајќи ги како да се мои“, вели Бонева.
Понатаму, додава дека го побила обвинението оти не патувала на седници од Струмица за Скопје и докажала дека патувала додека била пратеник во тој период, a Собранието ѝ исплатило патни трошоци во согласност со законот, исто како и на другите пратеници.
Дополнително, вели Бонева, преку фотографиите обавени на „Фејсбук“ и сведоците докажала дека не само што патувала на седници туку и дека ррчиси на секои 2 дена во тој период патувала на свој трошок на средби со граѓани во целата држава, иако за такви активности Собранието не исплаќало патни трошоци.
„Се потврди дека прогонот на СЈО беше чиста политичка пресметка, a обвинението против мене целосно неосновано и политички мотивирано. Му благодарам на Бога што ми даваше сила да го издржам оваа распетие! Им благодарам на сите вистински пријатели, кои веруваа во мене и ми даваа сила да издржам! Се надевам дека, конечно, ќе почиваат во мир моите најмили, кои не го дочекаа овој ден!“, вели Бонева додавајќи дека Бог ќе им суди на сите што со години измислувале и пишувале гадости за неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.
Македонија
Домашниот притвор за Груби е невиден преседан, вели Максим Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски изјави дека одлуката лицe кое подолг период било во бегство да заврши во домашен притвор претставува невиден преседан и, како што рече, ја потврдува нефункционалноста на системот.
„Недозволиво е лице коешто подолг временски период е во бегство, се враќа во државата и му се изрекува мерка притвор и истото од распитот завршува дома“, изјави Димитриевски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот Груби.
Тој оцени дека сериозна држава не смее да си дозволи такви преседани и додаде дека институциите треба целосно да ги разгледаат постапките.
„Значи дека и Советот на јавни обвинители, но и Републичкиот судски совет ќе треба да ги разгледаат во целост овие постапки, и доколку постои евентуална субјективност или одговорност кај поединци, истите да ги санкционира“, рече тој.
Димитриевски нагласи дека е легалист и посочи дека кога бил обвинет, редовно се појавувал на сите судски рочишта.
„Го повикав господинот Груби да го следи тој пример. За жал беше отсутен од државата повеќе од четиринаесет месеци, се врати и заврши во домашен притвор, што е недозволиво за еден сериозен систем“, додаде градоначалникот.
Во изјавата тој се осврна и на европските интеграции, истакнувајќи дека ако сакаме во Европа и сакаме да напредуваме, ќе мора да ги делиме и европските вредности во делот на поделба на правдата во државата.
Во однос на споредбите меѓу поранешниот функционер Сашо Мијалков и Артан Груби, Димитриевски рече дека Мијалков го коментирал во минатото и нема намера повторно да го прави тоа, но посочи дека и двајцата биле ставени во иста група.
„Денеска го гледаме и господинот Мијалков како слободен граѓанин, но дополнително и господинот Груби којшто дојде да се соочи со правдата, но за жал мене како граѓанин ваквото однесување или ваквата постапка во делот на ставање во куќен притвор не ме задоволува“, изјави Димитриевски, додавајќи дека за исправноста на одлуката треба да се обратат прашањата до надлежните судски власти, бидејќи тие ја водат постапката.

