Македонија
Постаро лице заглавено во својот дом во Кочани поради снегот, спасувачките екипи се координираат
Спасувачките екипи се координираат за извлекување постаро лице, кое е заглавено во својот дом од снежните наноси во селото Полаки, Кочанско.
Од ЦУК известуваат дека стапиле во контакт со екипите на ЛС Кочани, Црвениот крст, противпожарната бригата и Дирекцијата за заштита и спасување во градот.
Стапено е во контакт и со братот на заглавеното лице.
„Командирот на ТППЕ Кочани има стапено во контакт со братот на лицето што се наоѓа во с. Полаки за негова евакуација од страна на ТППЕ Кочани. Тој ја одбива понудената помош со барање да се почека до утре“, велат од ЦУК.
Истовремено, има ново барање да им се исчисти првин патот (концесионерот ги одржува само патиштата што се под асфалт, а не и споредните патишта што се до маалата, а што не се асфалтирани), па потоа тие да проценат дали ТППЕ има потреба да интервенира за нивна евентуална евакуација.
РЦУК Кочани и Секторот за операции и координација се во постојан контакт со ТППЕ Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.
Македонија
Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда, велат од Левица
Податоците на Државниот завод за статистика за сиромаштијата во Македонија за 2024 година не се изненадување туку потврда на длабоката структурна криза на македонскиот економски модел. Стапка на сиромаштија од 21,9 проценти, со речиси 30 проценти сиромашни деца и алармантни 45,8 проценти сиромашни самохрани родители не е резултат на „надворешни шокови“ туку на долгогодишна политика што систематски го потценува трудот и ја префрла цената на економските „реформи“ врз најранливите, велат од партијата Левица.
„Фактот дека 7,9 проценти од вработените живеат под прагот на сиромаштија е директен доказ за неуспехот на неолибералната догма дека пазарот сам ќе обезбеди достоинствен живот. Ова е класичен пример на експлоатација на трудот, економија во која се работи а не се живее. Минималната плата одамна престана да биде алатка за социјална заштита и се претвори во инструмент за одржување на евтина работна сила во корист на крупниот капитал.
Особено загрижувачка е состојбата кај семејствата со повеќе деца каде што повеќе од половина живеат во сиромаштија (54,8%). Тоа говори дека државата практично ги казнува домаќинствата што репродуцираат работна сила додека истовремено субвенционира профити и даночни олеснувања. Социјалната држава е сведена на статистичка категорија а не на реална економска политика.
Дебатата за минимална плата од 500 евра навистина е надмината. Ако прагот на сиромаштија за четиричлено семејство е над 31.000 денари месечно, тогаш е економски и морално неодбранливо минималецот да биде под ниво што овозможува елементарна репродукција на работната сила и достоинствен живот. Аргументот дека „економијата не може да издржи“ повисока минимална плата е политички избор а не економски факт. Истата таа економија без проблем издржува масовни субвенции за странски инвеститори, даночна регресија и толеранција кон сивата економија.
Левица предупредува дека решението не е козметичко покачување на платите, туку системска промена: силна прогресивна даночна политика, јакнење на колективното договарање и активна социјална држава што ќе ги штити децата, самохраните родители и пензионерите. Без таков пресврт, Македонија ќе продолжи да биде земја на евтин труд, сиромашни работници и изгубена иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.

