Македонија
Потврдени 52 нови случаја на заразени, починаа 4 лица
Денеска, потврдени се 52 нови случаја на Ковид-19, оздравени се 30 пациенти, а починати се 4 лица, информира Министерството за здравство.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти, пациент од Скопје (73), примен на клиниката на 21 мај, и пациент од Велес (82), хоспитализиран на 22 мај. Во ГОБ „8 Септември“ починаа пациентка од Скопје (76), примена на 21 мај, и пациентка од Тетово (55) примена на 27 мај.
Во последните 24 часа направени се 661 тестирање, а регистрирани се 52 нови случаја на Ковид-19, и тоа во: Скопје – 26, Куманово – 6, Штип – 7, Тетово – 9, Струга – 2, Велес – 1, Кочани – 1.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.129, бројката на оздравени пациенти е 1.516, на починати е 126, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 487. Последната дистрибуција по градови е:
• Скопје – 797, активни 240
• Куманово – 448, активни 42
• Дебар – 51, активни 0
• Штип – 61, активни 26
• Прилеп – 211, активни 43
• Тетово – 191, активни 69
• Струга – 79, активни 11
• Велес – 129, активни 30
• Битола – 28, активни 6
• Охрид – 23, активни 6
• Кавадарци – 5, активни 0
• Гостивар – 22, активни 4
• Гевгелија – 4, активни 0
• Струмица – 3, активен 1
• Крива Паланка – 6, активни 0
• Радовиш – 4, активни 0
• Крушево – 3, активни 0
• Кочани – 32, активен 1
• Пробиштип – 2, активни 0
• Кичево – 3, активен 1
• Неготино – 12, активни 5 (7 заболени лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)
• Демир Хисар – 1, активни 0
• Македонски Брод – 2, активни 0
• Пехчево – 3, активни 0
• Делчево – 1, активни 0
• Валандово – 1, активни 0
• Виница – 3, активен 1
• Кратово – 2, активни 0
• Берово – 1, активни 0
• Свети Николе – 1, активен 1
Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 30 оздравени пациенти, и тоа во: Скопје – 16, Тетово – 10, Велес – 1, Охрид – 2, Кратово – 1.
Вчерашниот нов позитивен случај евидентиран во Битола е жител на Кичево и соодветно е нотирано во денешниот извештај.
Направените 661 тест се преку: ИЈЗ -289, „Авицена“ – 39, „Биотек“ – 44, „Филип Втори“ („Жан Митрев“) – 61, „Систина“ со PCR-метода – 116 и МАНУ – 112. Досега во земјата се направени вкупно 27.684 тестирања на Ковид -19.
Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 124 се во рамките на скринингот во градинките и геронтолошките установи. Тестирањата се направени преку центрите за јавно здравје во Teтово, Велес, Куманово и во Скопје, регистрирани се два позитивни случаја во градинка во Скопје и во Куманово.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатите 24 часа примен е 1 пациент, хоспитализирани се вкупно 43 пациенти. На кислородна поддршка се 17, на механичка вентилација е 1 пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 6 нови, а вкупно хоспитализирани 28 пациенти. На респиратор се 6, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти.
Во болницата во Битола хоспитализирани се 6 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 3 пациенти. Во болницата во Штип хоспитализирани се 11, а на домашно лекување се следат 11 пациенти. На инфективните одделенија во Велес, Куманово и во Прилеп хоспитализирани се 30 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка,
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.
Македонија
(Видео) Големи поплави во Кичево, ЦУК на терен
Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи за состојбата до 17:00 часот со обилните врнежи, во Скопскиот Регион, во Општина Сарај поради поплавите во селата Буковиќ и Семениште, преземени се координирани активности за надминување на состојбата.
„Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата“, соопштуваат од ЦУК.
Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини.
Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.
„Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито“, информираат од ЦУК.
Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Лицата на кои им е потребно привремено сместување ќе бидат згрижени во спортската сала во Иванидол. На терен интервенираат екипи на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица, кои постапуваат согласно приоритетите и пријавите од граѓаните.
Свикан е Кризен штаб кој ја следи состојбата и ги координира активностите за заштита и помош. Од Општината апелираат на смиреност, трпение и внимателност, нагласувајќи дека ќе бидат искористени сите расположливи ресурси за справување со последиците од невремето.

