Македонија
Потпишани договорите на новите полициски службеници од генерацијата кандидати за полицајци 2023/2024
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со раководството на СВР Скопје, присуствуваше на потпишувањето на договорите на новите полициски службеници кои беа дел од генерацијата на кандидати за полицајци 2023/2024 година и кои станаа дел од македонската полиција, при Секторот за внатрешни работи Скопје.
Упатувајќи честитки до новите полициски службеници, Тошковски истакна дека на овој начин создаваме професионална полиција која ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните.
„Бидете сервис на граѓаните, полиција која ќе ги обезбеди и овозможи сите граѓански слободи и права. За да се борите со криминалот, мора вие да бидете чесни. Бидете дел од правдата, останете доследни на законот и штитете ги интересите на граѓаните и државата. Во вашето понатамошно работење мора да постапувате еднакво и независно од личните определби, религиозни уверувања, национална припадност… Дискриминацијата по било кој основ е забранета“, рече Тошковски.
Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени и заменик директорот на БЈБ Арбен Јашари, заедно со раководството на СВР Тетово присуствуваа на потпишувањето на договорите на новите полициски службеници кои станаа дел од македонската полиција, при Секторот за внатрешни работи Тетово, каде заменик министерот истакна дека полицијата треба да им служи на сите граѓани во нашата држава.
„Искрени честитки до новите полициски службеници. Тука сте да им служите на сите граѓани во државата. Да го одржувате редот, мирот и да се борите против секаков вид на криминал“, нагласи Исени.
Државниот секретар при МВР, Сашо Петрушевски им посака срдечно добредојде на помладите колеги во редовите на полицијата при Секторот за внатрешни работи Куманово и многу лична среќа и успеси во професионалниот развој.
„Со приемот на оваа генерација на полицајци сериозно ќе се зајакнат кадровските потенцијали на МВР, а младите колеги ќе бидат професионално освежување во бескомпромисната борба против организираниот криминал и корупција“, истакна меѓу другото државниот секретар Петрушевски.
Во Битола, пак, во кругот на Секторот за внатрешни работи Битола, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев на седумдесетте новопримени полициски службеници честитајќи им ги врачените договори за вработување, им порача на довчерашните кадети со гордост, чест и достоинствено да ги носат полициските униформи.
„Од вас се бара да бидете кредибилни репрезенти не само на полициската професија туку и на Министерството во целина, а чесноста и одговорноста кон граѓаните чиј што сервис сме ние, да ви бидат примарни во професионалното работење и постапување“, потенцираше Јанев.
Во изминатата година, кандидатите беа дел од основна обука за полицаец, која беше спроведена во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи. Во текот на обуката, кандидатите покажаа исклучителна посветеност и постигнаа високи резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

