Македонија
Потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владите на Северна Македонија и на САД за експертска поддршка за изработка на Национална стратегија за безбедност
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и амбасадорката на САД во земјава, Анџела П. Агелер, денеска, потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Владите на Северна Македонија и на Соединетите Американски Држави за експертска поддршка за Владата на Република Северна Македонија во изработка на Национална стратегија за безбедност.
„Оваа соработка во едно од најсуштинските прашања за државата е само уште една потврда за стратешкото партнерство и степенот на соработка меѓу нашите две земји. Како што знаете, на 19 септември, Владата ја усвои информацијата за потребата од изработка на Национална стратегија за безбедност, која ќе претставува еден суштински и стратешки документ, и обединувачка визија за нашата држава во дефинирањето на виталните и стратешките интереси за безбедно и стабилно општество“, истакна премиерот Ковачевски, во своето обраќање на денешниот настан по потпишувањето на Меморандумот.

При тоа, премиерот Ковачевски изрази благодарност до Амбасадата на САД и посебно до амбасадорката Агелер за оваа поддршка.
Стратегијата е предвидено да ги интегрира сите министерства и институции кои имаат пристап до заштитата и промовирањето на безбедносните интереси на земјата и ќе го определи местото на Република Северна Македонија во регионалниот, европскиот и глобалниот безбедносен контекст.
„Ме радува што за оваа цел и преку Меморандумот кој што ќе го потпишеме денеска, кон тимот наши експерти се приклучува и американски професионалец за национална безбедност со над 35 години работно искуство во стратешко планирање, извршни комуникации и мултинационални операции, како и истакната воена служба на глобално ниво“, потенцираше премиерот Ковачевски.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела П. Агелер истакна дека е чест да се биде дел од денешниот настан на потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу САД и Република Северна Македонија за експертска поддршка за Владата на Република Северна Македонија во изработка на Национална стратегија за безбедност, кој е составен дел од Стратешкиот дијалог меѓу двете земји.

„Ова е многу важно потпишување за нас како САД со нашиот битен стратешки партнер, Северна Македонија. Како што реков утрово, дозволете ми да повторам уште еднаш. САД е горда, ние сме горди на нашето пријателство и на поддршката и соработката со оваа земја и горди сме што ова е стратешко партнерство кое што носи огромни придонеси за двете земји. Тоа не е еднострано партнерство, и тоа го имаме видено не само во членството на оваа земја во НАТО и придонесите кои што сте ги давале досега кон Украина, туку и во многу други аспекти од нашето партнерство и пријатество“, потенцираше амбасадорката на САД во земјава, Анџела П. Агелер, во нејзиното обраќање при потпишувањето на Меморандумот за Меморандумот за разбирање меѓу САД и Република Северна Македонија, со којшто се овозможува советодавна поддршка во изработката на Националната стратегија за безбедност за Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

