Македонија
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Судско-медиумскиот совет и ЗНМ
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, и претседателот на Судско-медиумскиот совет, Иван Џолев, потпишаа меморандум за соработка. Целта на овој меморандум е подобрување на меѓусебна соработка помеѓу новинарската и судска фела и унапредување на соработката во областа на судската транспарентност. Судско-медиумскиот совет и ЗНМ во иднина ќе соработуваат во подготовка на Стратегија за зајакнување на судската транспарентност, како и подготовка и промоција на други документи од областа на транспарентноста и односите со новинарите и медиумите. Двете организации во иднина ќе организираат заеднички настани за новинари и судии и ќе соработуваат во заеднички проекти од областа на медиумите и правосудството.
„Соработката на новинарите и судиите е важна во насока на подобрување на јавниот имиџ на двете професии пред јавноста како предуслов за подобрување на довербата на граѓаните кон професионалните новинари и одговорните судии“, истакна Младен Чадиковски.
На средбата претседателот на советот и на Основниот кривичен суд во Скопје Иван Џолев кажа дека „Кривичниот суд, како и досега, останува отворен за соработка со новинарите и медиумските работници со желба за продлабочување на соработката. Воедно отворени сме и за нови идеи и предлог проекти од медиумите кои се во правец на поголема отвореност на судот што е во корист пред се за јавноста и јавниот интерес. Во иднина ќе се залагаме за уште поголема транспарентност не само на Кривичниот суд, туку и на целиот правосуден сектор, а истовремено очекуваме објективно и професионално известување за работата на судот“.
Претседателот на Здружението на судиите на Република Северна Македонија Џемали Саити кажа: „Овој меморандум е само почеток а во иднина имаме волја и желба да имаме конкретни проекти со ЗНМ преку кои ќе бидат заедно вклучени и новинарите и судиите а со цел да се зајакне довербата помеѓу овие две фели и да се подобри самата комуникација“.
Една од првите заеднички активности во рамки на овој меморандум ќе биде и изработката на Стратегијата за зајакнување на судската транспарентност во која ќе бидат дефинирани целите за идните делувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

