Македонија
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Државниот архив и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување
Директорите на Државниот архив на Република Северна Македонија и на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, д-р Наташа Котлар и Никола Мемов потпишаа Меморандум за соработка со цел проширување на меѓусебната соработка во областа на заштитата и размената на податоци за осигуреници коишто ќе остварат право на пензиско и инвалидско осигурување.
Директорката на Архивот, Котлар рече дека воспоставувањето на соработката ќе помогне да се намали обемот на документарниот материјал што се чува во институцијата и да обезбеди простор за нов.
Директорот на Фондот, Мемов потенцира дека со внесувањето на податоците во архивата на Фондот ќе се намалат проблемите во утврдувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување кај осигурениците.
Исто така, беше констатирано дека со овој чекор на соработка и дигитализација на податоците, крајна придобивка ќе биде тоа што граѓаните нема да мора да одат од една до друга институција за да си ги остварат правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Државниот архив и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување соработката ќе ја реализираат преку дигитализација на документарниот материјал од приватни иматели – правни лица кои престанале да постојат по пат на стечај или ликвидација со формирање работни групи за ажурирање и внесување на податоците содржани во документарниот материјал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

