Македонија
Поцкова до Манолева: Дали со министерот ќе се борите да се врати достоинството на белиот мантил во Македонија?
„Денес, дебатираме за изборот за заменик-министри во Владата на Република Македонија. Ќе почнам со доктор Маја Манолева, потпретседател на Лекарската комора и директор на Јавната здравствена установа – Завод за физикална медицина – Скопје. И исто така сопственик на приватната здравствена установа „Физиоплус – д-р Манолева“ поради што беше директно прозвана од Државната комисија за спречување на корупцијата. Дали доктор Маја Манолева ќе ги реши горливите проблеми во здравството заедно со министерот Фатмир Меџити?“, запраша Јадранка Поцкова,пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Поцкова исто така во текот на својот говор ја запраша Манолева дали заедно со министерот ќе се бораи болните со ретки болести да ги добијат своите лекови.
„Дали ќе ги подобри условите за работа во јавното здравство, тука мислам на реконструкција на здравствените установи, изградба на нов клинички центар во Скопје, продолжување со изградбата на Клиничкиот центар во Штип и набавка на апаратура? Дали министерот и заменичката ќе ги земат на одговорност директорите на Фондот за здравствено осигурување? Дали ќе се прошири позитивната листа? Дали ќе се борат и ќе направат сè за да се врати достоинството на белиот мантил во Македонија и да престане миграцијата кон приватните здравствени установи и надвор од земјата затоа што во последните три години се имаат иселено 2.200 доктори и 5.000 медицински сестри?“, заклучи Поцкова.
Таа посочи дека здравствените политики треба да имаат приоритет бидејќи без здрава нација нема напредок во ниедна сфера во општеството.
„Предизвикот и одговорноста се големи, а времето ќе покаже дали и колку ќе се направи за подобрување и ставање здрави темели на здравството“, заклучи Поцкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

