Македонија
ПОЦ ќе ги чисти паркинзите со нова машина од 2 милиони денари
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар – Скопје денеска презентираше нова машина за чистење на паркиралиштата.
Од ПОЦ велат дека се работи за современа машина на познатиот германски бренд Green Machines која секојдневно ќе ги отстранува отпадоците, ефикасно ќе ги чисти паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и ќе придонесе за почиста и поздрава околина.
„За првпат на овој начин ќе ги чистиме нашите паркиралишта. Иако досега со помош на општината успешно ја одржувавме чистотата, со набавката на оваа машина ЈП ПОЦ поефикасно ќе ја извршува работата во делот на одржување на хигиената и чистотата на паркиралишта, како и целокупната чистота на Центар. Оваа машина тоа го овозможува и мислам дека граѓаните ќе бидат задоволни и ќе ја забележат разликата, којашто ќе биде очигледна“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, на божиќниот бранч со медиумите.
ПОЦ уверува дека машината за чистење паркиралишта е совршено прилагодена за чистење на најстрогите отворени површини и може да издржи максимален притисок во секојдневното работење. Набавката е преку економскиот оператор Сандра М Љупчо ДООЕЛ експорт – импорт Кавадарци, кој бил најдобар понудувач на тендерот, и ангажирањето на оваа механизација чини 2,352,920 денари.
„Општина Центар како дел од локалната самоуправа и основач на јавното претпријатие ‘Паркинзи на општина Центар’, секојдневно работи на редовно одржување на хигиената на улиците и тротоарите, но и на паркиралиштата што се наоѓаат на нејзина територија. Во периодот што следи, општината ќе набави уште неколку вакви машини за одржување на хигиената, но и ќе постави нови канти за отпадоци и контејнери, со што ќе придонесеме за почиста и поздрава животна средина за децата и за граѓаните на Центар“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лиценците беа параван за милионски бизнис – Единствена Македонија предлага државата да го преземе одгледувањето марихуана
Единствена Македонија го реафирмира својот став од 2017 година кога беше легализирано одгледувањето на дрога во Македонија. Oд партијата предлагаат до владата марихуната за болните да ја одгелдува, обезбедува и да биде под контрола на државата.
„Давањето лиценци за дрога за наводно медицински цели на приватни компании беше вешто затскривање зад алтруистички мотиви а во реалноста се работеше за исклучиво профитабилен бизнис во милиони евра. На пример, денеска фирмите на Зоран Заев се најголемите одгледувачи на дрога во повеќе региони во државата а иронијата да биде поголема токму Заев како премиер во тоа време самиот си додели лиценца за производство и трговија со марихуана. Поврзано со ова, 2019 беше година кога Заев станува главен дилер на дрога во Македонија и самиот објави профит од 100 милиони евра на телевизиско гостување на телевизијата „Канал 5“ со тогашниот опозционер а сегашен премир Христијан Мицкоски“, велат од партијата.
Единствена Македонија во интерес на вистината бара да бидат објавени основачите на фирмите за дрога, како и потеклото на имотот на овие лица бидејќи, како што велат, тогаш се објавија инвестиции за дрога и по 40 милиони евра и најбитно, менување на законската регулатива во смисла државата да биде единствениот субјект во правниот промет кој ќе одгледува и обезбедува марихуаната за болните.
Македонија
Димовска – Мражикова: Соработката со Европскиот парламент има јасна цел и опипливи резултати
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска оствари средба со раководителката на Канцеларијата на Европскиот парламент за Западен Балкан, Татиана Мражикова.
На средбата, Димовска се заблагодари за постојаната и силна поддршка на Европскиот парламент за нашиот евроинтегративен пат, која се рефлектира и преку отворањето на Канцеларија на Европскиот парламент за Западен Балкан минатата година.
Димовска ги престави тековните процеси кои ги спроведува Собраниската служба, вклучително и Стратегијата за дигитализација на Собранието 2026 – 2028; Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025-2027, измените и Организацијата на работни места, со акцент на новоформираното Одделение за проценка на влијанието на регулативата. Таа нагласи дека Собраниската служба цели кон интензивирање соработка со парламентите на земјите – членки на Унијата и од Регионот, подвлекувајќи го институционализирањето на таквата соработка.

Мражикова ја поздрави високата поддршка на граѓаните за членство на државата во Европската Унија и се осврна на значајната улога на известителот во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој деновиве е во посета на Република Северна Македонија. Нагласи дека Европскиот парламент преку канцеларијата за Западен Балкан непосредно ги адресира процесите кои ги приближуваат земјите аспиранти до Европската Унија. Подвлече и дека Европскиот парламент со гордост беше партнер на Собранието во Жан Моне дијалогот, кој донесе опипливи резултати и овозможи активна вклученост и поддршка од сите политички партии при усвојувањето на новиот Деловник на Собранието.
Соговорничките се согласија дека соработката на ниво на службеници ќе се интензивира во периодот кој следи преку соработка на различни форуми во сите сфери од интерес.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.

