Македонија
Почесна артилериска стрелба за Денот на АРМ

Денеска со почеток во 10.00 часот, по повод 18-ти Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, во касарната ,,Илинден“ во Скопје ќе се изврши пробна артилериска стрелба со четири поединечни истрели од артилериски орудија.
Утре 18-ти август 2020 година (вторник), исто така со почеток во 10.00 часот ќе се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 5 плотуни од артилериски орудија на единица на артилерискиот баталјон на Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ССНМ: Колективните договори се основа за подобрување на работничките права во медиумите

Денот на трудот, 1 Мај, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го одбележува со предупредување/укажување дека новинарите и медиумските работници во Македонија работат во услови на прекаријат каде што само една третина од вработените во медиумите (околу 700 од 2.100) се покриени со колективен договор.
Позитивни и подобрени права по Колективните договори ги ползуваат само вработените во јавниот сектор, односно таканаречените „државни“ медиуми, додека новинарите и медиумските работници во приватниот сектор се уште се соочуваат со низа прекршувања на работничките права и нивна помала заштита.
„Укажуваме дека во услови на ниски плати, каде што речиси 70 проценти од медиумските работници и 50 проценти од новинарите земаат плати под просечната тешко е остварливо начелото на професионално и објективно известување бидејќи само социо-економски обезбедни новинари може да бидат чувари на јавниот интерес. Работа во услови на прекаријат, несигурни работни места, краткорочни договори или само хонорарни договори, непочитување на одредбите за годишен одмор, за работното време, неисплата на прекувремена работа или празнични дневници се уште се болни точки за новинарите и медиумите кои по дефиниција извршуваат работа од јавен интерес која е еден од столбовите за развој на едно демократско општество“, велат од ССНМ.
Овој 1 Мај потсетуваме дека борбата за подобрување на условите за работа, зголемување на ниските плати, навремена исплата на платите и во јавниот и во приватниот сектор, е основа и оди рака под рака со борбата за слобода на изразување и слободно информирање на граѓаните. Борбата е постојана и зависи од здружувањето и заедништвото при инсистирањето за подобрување како на социо-економските услови, така и на условите за професионално и објективно известување.
Македонија
Работниците се темелот за иднината на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во честитката за 1. Мај

ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на нови економски политики и подобрување на стандардот, работниците се темелот за иднината на Македонија, велат од партијата во честитката по повод Меѓународниот ден на трудот, упатена до граѓаните.
„Овој ден е симбол на борбата за работничките права. ВМРО-ДПМНЕ останува посветено на создавање нови економски политики кои ќе овозможат отворање на нови работни места, подобрување на стандардот и креирање општество во кое секој граѓанин ќе има можност за напредок и просперитет.
Нека овој ден биде поттик за сите, за продолжување на заложбите кон градење посилна поправедна и поуспешна Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ го оддава заслуженото признание на сите работници. Нивната посветеност труд и истрајност се темелот врз кој се гради иднината на Македонија.
Честит празник!“, се вели во пртискта честитка.
Македонија
Средба на Муртезани со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во својство на национален координатор за странска помош, денеска во Осака, Јапонија, оствари билатерална средба со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), Кеи Тојама, генерален директор на Одделот за Блискиот Исток и Европа и со Ери Накамура, директорка на Одделението за Европа.
„На средбата беше потврдена исклучително плодната и долготрајна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија во областа на билатералната развојна помош, која досега изнесува над 421 милиони американски долари. Министерот Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка од Јапонија, особено преку Официјалната развојна помош (ODA), која обезбеди значајни средства за проекти во повеќе сектори, како што се здравство, животна средина и во приватниот сектор, како и програмите за развој на човечки ресурси и проектите на локално ниво преку Grassroots Grant Projects (GGP), чиј годишен буџет значително се зголеми по 2018 година.
Меѓу успешно реализираните иницијативи беа издвоени проектот за примена на решенија базирани на екосистеми за намалување на ризиците од природни катастрофи, како и програмата за менторирање на мали и средни претпријатија, кои беа оценети како примери за ефективна и одржлива соработка. Муртезани ја нагласи стратешката важност на неодамна ратификуваниот Договор за техничка соработка со Јапонија, кој стапи во сила во февруари 2024 година, потенцирајќи дека истиот претставува основа за отворање на канцеларија на JICA во Скопје, значаен чекор кон унапредување на ефикасноста и координацијата во спроведувањето на заедничките проекти.
Во рамки на разговорите, од македонска страна беше иницирана идејата за натамошно проширување на партнерството преку унапредување на соработката во секторите на здравството и образованието, како и разгледување на можностите за обезбедување грантова поддршка за развојни иницијативи во овие области.
Дополнително, беше потврдено дека за фискалната 2025 година ќе бидат поддржани две нови иницијативи: продолжување на програмата за менторирање на малите и средни претпријатија и ангажирање на регионален експерт за развој на туризмот, што дополнително ќе го збогати спектарот на заеднички активности“, информираа од министерството за европски прашања.