Македонија
Почина големиот новинар Ристо Поповски, основачот на „Макфакс“
 
																								
												
												
											По кратко боледување, вчера почина Ристо Поповски, основачот на првата приватна новинска агенција „Макфакс“ во 1992 година. Поповски остави зад себе импресивна новинарска биографија и беше голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.
Големиот новинар Ристо Поповски (1945 – 2018) беше човек познат по својата скромност, добрина и солидарност. Работеше и како уредник во една од своевремено најмоќните светски новинарски агенции „Танјуг“, работеше за Радио Скопје од 1965 година како волонтер, а од 1970 година се ангажира и професионално.
Од 1974 година до 1992 година беше вработен во новинската агенција „Танјуг“, најпрвин како новинар, а потоа и како шеф на Македонската редакција на „Танјуг“. Беше дописник во Москва во времето на историските промени на почетокот на деведесетитте години.
Своите новинарски ставови како коментари ги објавуваше и во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Слободен печат“, а беше и коментатор од Македонија за „Ал Џезира“. Добитник е на Наградата за животно дело на Здружението на новинарите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
Завршува кампањата за вториот круг од локалните избори, на полноќ почнува изборниот молк
 
														На полноќ завршува кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат во недела, 2 ноември. Со тоа почнува изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на избирачките места во 19 часот во недела.
Во вториот круг ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, а на три избирачки места во Шуто Оризари ќе се спроведе прегласување за советници. Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше ќе се повтори изборниот процес поради непостигнат цензус во првиот круг одржан на 19 октомври.
Синоќа во Скопје коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го одржа завршниот митинг, на кој зборуваа премиерот и лидер на партијата Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Мицкоски ги изрази очекувањата за историска победа во вториот круг, додека Ѓорѓиевски ги повика скопјани масовно да излезат на гласање и, како што рече, да покажат дека Скопје избира работа и човек кој знае и умее.
Движењето ЗНАМ најави мини митинг со обраќања на Мицкоски, Ѓорѓиевски и кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, додека кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, во текот на денот ќе одржи завршна прес-конференција.
Во Град Скопје право на глас имаат 474.304 гласачи, кои во недела ќе избираат меѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.
Македонија
Околу 130 килограми марихуана откриени на Табановце, поведена истрага
 
														Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против српски државјанин осомничен за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 29 октомври, на граничниот премин Табановце, во камион со полуприколка (ладилник) со словенечки регистарски ознаки, тој се обидел да пренесе 129,7 килограми наркотична дрога марихуана. Дрогата, во 14 торби скриени во камионот во сопственост на превозна компанија од Словенија, ги пронашле царинските службеници при контрола на возилото.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Делови од Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош денеска без струја
 
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот корисниците од бул. Борис Трајковски бр.1 (Пеглата) влез 2 (општина Кисела Вода)
– во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од Новоселски Пат, како и објектите на Стокомак, КАМ Маркет, бензинската пумпа ОКТА и објектите во нивна близина. (општина Ѓорче Петров)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од ул. Леринска, лоцирани во околината на бр. 3. (општина Карпош)


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											