Македонија
Почина двегодишната Ангела која беше испратена на лекување во Турција
Двегодишната Ангела која пред неколку дена итно, со специјален медицински авион беше испратена на лекување во Турција, сепак не преживеа. Девојчето, и покрај сите напори да биде спасено и од тимот македонски и од тимот турски лекари, денеска не ја издржало битката со ретката и тешка болест, блиска до леукемија.
Ангела во Турција била ставена на апарати за дишење и ѝ била направена дијализа, односно прочистување на крвта, но таа не стигнала до операција и до пресадување коскена срцевина бидејќи состојбата не ѝ била доволно стабилна.
Доктор Аспазија Софијанова – Цули од Детската клиника која го иницираше испраќањето на двегодишното дете во Турција, вели дека од нивна страна било сторено сè за да му се овозможи добар медицински третман и обид да му се спаси животот.
„Од наша страна и од страна на Универзитетската клиника за детски болести – одделот на хематонкологија се направија натчовечки напори за да се надмине болеста и да се даде терапија. Тука посебно го нагласувам Одделот за интензивна нега каде што се организираше транспортот и истиот беше најпрофесионален направен до соодветна установа во Турција. Министерството за здравство и Фондот за здравство веднаш излегоа во пресрет, но понекогаш болестите, како во случајов, за жал имаат непосакуван крај. Едноставно, Ангела не издржа и покрај тоа што беше ставена на најмодерна апаратура и ѝ беше направена дијализа. Стануваше збор за ретка и тешка болест, макрофагоцитна хистиоцитоза. И покрај сите напори дури и од другата држава, крајот е секогаш непредвидлив и навистина ни е жал. За Ангела сторивме се, овозможувајќи и ги и последните трендови што ги пружа медицината и каде што се развиени највисоките медицински стандарди што ги нема кај нас“, вели Софијанова.
Девојчето со неспецифична ретка болест блиска до леукемија, било пациент на „Универзитетската клиника за детски болести“ од мај годинава. Било сместено на онколошкиот оддел, а последните денови пред да замине, откако му се влошила состојбата било симнато на одделот за интензивна нега. Таму му ја следеле состојбата додека траеле преговорите за операција на коскената срцевина. Успеале да најдат соодветен донор на клиника во Турција, а итноста ја забележала Софијанова која во петокот попладне на дежурство забележала дека се бројат часови до моментот кога ќе стане неопходно детето да биде ставено на апарати оти му се влошувало дишењето.
Во четвртокот конзилиум од лекари од онколошкото одделение во Детската клиника ги усогласил ставовите дека детето треба да отпатува, а во петокот кога состојбата со дишењето се влошила, доцна вечерта детето беше пренесено на клиника во Турција каде што веќе беше договорена операција на коскена срцевина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

