Македонија
Почина Илинка Митрева
Почина поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева, објави СДСМ.
„ Искрено сочувство до семејството на прерано починатата Илинка Митрева, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ и министерка за надворешни работи.
Како еден од основачите на партијата, Митрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес, одговорна, државотворна партија.
Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици. Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните.
Нека почива во мир“ пишува во објавата на владејачката партија.
Митрева е родена на 11 февруари 1950 година во Скопје. По дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје – група романска филологија во 1973 година, магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград, а потоа и докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје.
Од 1974 до 2001 работи како помлад асистент, доцент и шеф на Катедрата за романски јазици и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Професор по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност е од 23 ноември 2001 до 31 октомври 2002 година. Митрева е автор на повеќе стручни и научни трудови.
Функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија ја извршува од 1994 до 2001 година. Митрева беше претседател на Комисијата за надворешна политика и шеф на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно европската иницијатива, шеф на собраниската Група за соработка со Европскиот парламент и член на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО.
Од 13 мај до 23 ноември 2001 беше министер за надворешни работи на Република Македонија. По победата на СДСМ на парламентарните избори во 2002 година повторно е назначена на оваа функција од 1 ноември 2002 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

