Македонија
Почина маестро Александар Џамбазов
Денеска во Скопје на 85-годишна возраст почина диригентот и композитор Александар Џамбазов, објави Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).
„Сојузот на композиторите на Македонија со огромно жалење соопштува дека денес почина истакнатиот македонски композитор, диригент и долгогодишен член на СОКОМ, маестро Александар Џамбазов (03.02.1936-25.01.2022)“, се наведува во објавата.
Маестро Џамбазов ќе остане запаметен како втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведени, снимени, печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура, за што е добитник на над 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна Југославија.
Добитник е на државната награда „11 Октомври“ и на наградата на град Скопје „13 Ноември”. Маестро Александар Џамбазов е еден од основоположниците на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио-телевизија, на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и на најпознатиот, најафирмиран и еден од најстарите детски фестивали во Европа „Златно славејче“.
Неговиот исклучителен придонес е и во музичкото исполнителство како диригент со над 40-годишен непрекинат и континуиран работен стаж и како несебичен пропагатор на опусот на македонските композитори од овој жанр, се вели во објавата на СОКОМ.
View this post on Instagram
„Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно како што живееше во последните 25 години. Од денес, конечно со својата Анче. Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша неговиот син, актерот Игор Џамбазов, на социјалните мрежи.
Александар Џамбазов е роден на 3.2.1936 во село Стапар, Војводина, Р Србија, од мајка Цветанка – домаќинка и татко – Методи, учител од Штип, кој бил преместен во 1934 во Војводина поради своите напредни идеи.
Во 1947 во Скопје го завршува најпрво нижото музичко училиште (започнато во Штип) и средното во 1956.
Истата година се запишува на Музичката академија во Белград, каде дипломира во 1960 година. Веднаш по дипломирањето поканет е да работи во Радио Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, дожд на запад
Според прогнозата на УХМР, утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови од земјата ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде од -1 до 6 степени, а максималната од 10 до 16 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а на делови од котлината повремено засилен југоисточен ветер. Температурите ќе се движат од минимални 2 до максимални 13 степени.
Времето во наредните денови
До сабота, под влијание на циклонска активност, ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини дождот ќе преминува во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.
Македонија
Свечена седница на Советот на општина Карпош
Во рамки на планираните активности, Советот на Општина Карпош одржа Свечена седница, заседавајќи по третпат откако е конституиран новиот состав на ова тело. Во таа насока, советниците од Карпош разгледуваа две точки кои се најдоа на денешниот дневен ред.
На самиот почеток пред присутните се обрати градоначалникот Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја образложи потребата од одржување на Свечената седница.
– „Почитувани советници. Како што сте веќе информирани, оваа среда Општината го одбележува 49-тиот роденден со Свечена манифестација, во чии рамки врачува Плакета на заслужен граѓанин за 2025 година. Затоа ве повикувам, ова признание да го доделиме достоинствено и обединето, како благодарност и како порака дека општина Карпош знае да ги вреднува своите сограѓани. На тој начин би сакал да покажеме дека зад оваа одлука стои Советот како институција, да испратиме јасна порака, дека секој што работи за доброто на нашата локална заедница, без разлика на неговите политички, верски, етнички или било какви други убедувања, ќе биде препознаен и секогаш поддржан од наша страна“ – истакна Лукровски.
Првиот човек на Општината потенцираше дека на овој начин локалната самоуправа покажува вистинска посветеност, градејќи стабилна традиција како институција која се грижи за своите најдобри сограѓани.
Во таа насока, мнозинството советници постигнаа консензус околу изборот на заслужен граѓанин на локалната самоуправа, која традиционално ја практикува оваа иницијатива во рамки на одбележување на Денот на Општината. Имено, македонската фудбалска легенда, Драги Сетинов е избран за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2025 година. Спортската јавност го познава Сетинов по неговите беспрекорни настапи во фудбалските клубови „Победа, „Вардар“, „Хајдук“ од Сплит и „Етникос“ од Пиреја.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Одлуката, со која Општина Карпош ја наградува полициската службеничка Елена Дракулевска, која ја извршува својата функција во Полициската станица од општа надлежност – Карпош. За таа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди финансиски средства во висина од 60.000 денари. Дракулевска ќе добие од Општина Карпош парична награда и Пофалница за заслуги, за нејзиниот исклучителен придонес во унапредување на безбедноста и јавниот ред.
Македонија
Николовски до Трипуновски: На празните листови напиши ја твојата оставка
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер, Љупчо Николовски, денеска одговори на обвинувањата на министерот Цветан Трипуновски и истите ги оцени како безпредметни, и го повика да си даде оставка за хаосот што создаде во земјоделието.
„Трипуновски, твоите беспредметни кривични пријави не можат ни оддалеку да го тргнат фокусот од хаосот што го создаде во земјоделството.
Кога сопствената посебна советничка ти е фатена во истрагa за рекет со европски пари се носи политичка одговорност.
Кога најразвојната програма во државата e суспендирана поради коруптивен скандал: се поднесува оставка, се овозможува независна истрага и се молчи од срам, а не со прес-конференции и статуси.
Половина од твоите најблиски соработници се под истрага, со телефони на вештачење, со претреси и информативни разговори. Тоа е реалноста од која бегаш.
Наместо смешни пријави, избери да одговориш на она што секој ден го прашуваат земјоделците:
Кога одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите?
Кога субвенциите за млеко?
Ќе се исплатат ли сите земјоделци за предаден зеленчук и овошје“.
Го праша и зошто се кратат субвенции во ребалансот, зошто 130 милиони евра европска поддршка се замрзнати.
„Ти, наместо да се соочиш со овие прашања, измислуваш пријави мислејќи дека ќе ја замолчиш вистината. Не оди тоа така, јавноста веќе гледа кој работи, а кој пишува статуси.
Дополнително треба да објасниш: како се копа песок на земјиште дадено за рибник?
Каде заврши земјоделското земјиште доделено изминатава година?
Како точно се подготвува шемата за испумпување буџетски пари преку откупот на грозјето?
П.С. Колкав е рибниот фонд во општина Петровец?
П.С.С Наместо да доставуваш „кривични пријави“ со празни листови само за да дефокусираш и да си го спасуваш образот, подобро земи ги тие празни листови и напиши ја оставката.“ стои во објавата на Николовски.

