Македонија
Почина Михаил Ренџов, реномиран македонски поет, прозаист и преведувач
Почина Михаил Ренџов, еден од најреномираните македонски поети, прозаист и преведувач. Веста за неговата смрт ја објави неговиот син, музичарот Петар Ренџов.
Михаил Ренџов е роден на 25 август 1936 година во Штип. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.
Ренџов завршил Правен факултет, но неговата голема љубов беа поезијата и литературата, па со години работел во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Автор е на дваесетина збирки поезија, меѓу кои и „Иселеник на огинот“ (поезија, 1965); „Ноќно растење на зборот“ (поезија, 1967); „Каде од оваа страна“ (поезија, 1968, „Издишки“ (поезија, 2013). Го превел и епот „Гилгамеш“.
Последната поетска збирка „Зраци“ ја објави во 2023.
Ренџов е добитник и на многубројни награди, меѓу кои: „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Нерези“ (1982), „Григор Прличев“ за поемата „Тој“ (1993), „Ацо Шопов “ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), „Рациново признание“ за книгата „Захариј и други раскази“ (2004), „Григор Прличев“ за поемата „Предвесница“ (2009), „Браќа Миладиновци“ за книгата „Јас. Елегии“ (2017).
Во 2022 го доби орденот „Свети Никола“, што им се доделува на заслужни граѓани што се родени и потекнуваат од Штип.
„Животот е како вруток. А врутокот е во детството и младоста, доба исполнета со забава. Токму тоа време е основа на творештвото на секој автор. Секој човек, па и поетот, е како испосник, кој во себе го носи тоа време и додека е жив, создава и твори. Затоа, само детсвото и младоста не се забораваат“, изјави Ренџов во таа пригода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

