Македонија
Почна изградбата на нова водоводна мрежа во Нерези
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Општина Карпош почнаа изградба на нова улична секундарна водоводна мрежа низ локалитетот Средно Нерези. Со нејзина реализација ќе се напушти од употреба постојната мрежа, која е од несоодветен материјал и профил, која поминува низ дворовите на постојните објекти и која, генерално, била градена самостојно од самите жители на овој локалитет, без почитување на постапката за нејзина реализација поради што и не била евидентирана од страна на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
„Со желба да им се излезе во пресрет на барањата на жителите од овој локалитет, сега ние заедно со Општина Карпош почнувме активности за докомплетирање на постојниот водоводен систем за Средно Нерези на начин што ќе овозможи поквалитетно водоснабдување за жителите“, изјави Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Имено, ќе се пристапи кон реконструкција на постојната водоводна мрежа на улиците од локалитетот (улици што се предвидени со планска документација) кон дооформување на циркулациони прстени и, секако, реализација на приклучоците за секој од објектите што се заведени како корисници на услугите на претпријатието.
Општина Карпош ја нарача изработката на основниот проект за улична водоводна мрежа низ локалитетот Средно Нерези, а ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје го ревидира проектот. Техничкото решение дадено во проектот предвидува поврзување на проектираната улична мрежата и краците со постојна водоводна цевка Ø100 мм, која излегува од хидрофорската станица во Средно Нерези. Во проектот е предвидена изградба на нови 14 крака со полиетиленски цевки PE – 100/RC тип 3 со профил Ø 110 mm и вкупна должина од 2.500,00 м.
„Вкупната инвестиција за изведба на секундарната водоводна мрежа во високата зона во населбата Средно Нерези, во согласност со проектно-техничката документација, изнесува 14.423.660,00 денари. Имајќи предвид дека реализацијата на проектот е заедничка инвестиција на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје и Општина Карпош, во согласност со договореното, набавката и монтажата на потребниот материјал ќе биде обврска на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје и е во вредност од 7.058.820,18 денари. Изведбата на градежните работи – ископот и враќањето во првобитна положба на ископините – ќе бидат покриени од страна на Општина Карпош во вредност од 7.364.839,05 денари“, посочи Весковски на денешната прес конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„На сите им е јасно дека без поддршка и логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат 5 тони дрога“, велат од СДСМ
„После цела недела од објавувањето на картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во Србија нема одговор на клучното прашање: како 5 тони дрога поминала преку македонската граница? Станува збор за огромна количина на дрога. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери со дрога ја поминале границата, а нема приведени, нема осомничени, нема информација кој се е замешан“, велат од СДСМ.
„Како е можно од самиот центар на Скопје да излезат 5 тони дрога и ‘лесно невидливо’ да ја преминат границата и да заминат за Србија? Каде се камерите на „Safe City“? Каде била полиција? Каде била Мобилна цaрина? Зошто немало контроли? Што правеле АНБ и АР?
На сите им е јасно дека без поддршка и логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат 5 тони дрога. Од медиумите видовме дека случајот во Србија е поврзан со сестринската партија на ВМРО- СНС како и со државни функционери.
Прашањето е кој се е вмешан од структурите во Македонија и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница? Мицкоски, Тошковски, Тарчуловски, Николовски, началници, раководители, инспектори, службеници. Кој?
Заплените кои ги прави власта не се одговор на главните прашања туку дефокус од скандалот со 5 тони дрога. Но и тоа не може да ја спаси власта. Доколку се запленети нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.
Затоа што дозволиле нелегално да се произведува и складира марихуана изминатите две години. Одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на владата. Нема бегање. Сите ќе одговарате!“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
„Заев не спие мирно, немирната совест го натера на панични реакции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Заев, основачот на марихуана бизнисот во Македонија, не спие мирно. Немирната совест го натера Заев на панични реакции уште во неделата рано изутрина. Нервозната реакција е јасен знак дека Заев се чувствува директно погоден и разоткриен, откако вистината почна да излегува на виделина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека токму владата предводена од Заев го постави темелот на бизнисот со марихуана во Македонија. Околу 70% од запленетата дрога е поврзана со фирма блиска до СДС, „ЦБД Медплант“, чиј основач е Тони Котев (Мгчев), поранешен претседател на општинскиот одбор во Ново Село, човек поврзан со Вице Заев. Фирмата, формално во сопственост на неговиот син, за помалку од шест месеци испорачала 19 тони марихуана.
Фирмата на Мгчев добива одобрение за работа во време кога владата ја предводеше Заев, а Филипче беше министер за здравство, поточно во 2020 година.
ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш укажуваше дека лиценците за одгледување марихуана за медицински цели се доделувале исклучиво на фирми блиски до власта, а не според законски услови.
Медицинската марихуана била параван за организиран криминал во огромни размери.
Јавноста има право да знае и зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија.
Апелираме до Јавното обвинителство да ја истражи вмешаноста на Заев и Филипче во овој случај и да ги објави сите сознанија. Борбата против криминалот е јасна, а на наркокартелот на Заеви му доаѓа крајот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.

