Македонија
Почна изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина
Екипите на Град Скопје ја почнаа изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од раскрсницата со булеварот Словенија и улицата Македонска косовска бригада, до раскрсницата со улиците Бутелска и Кемал Сејфула.

На почетокот на градежните работи присуствуваa и градоначалниците на Скопје и на Бутел, Петре Шилегов и Велимир Смилевски.
„Постојната улица Босна и Херцеговина е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет и широка е само 7 метри, а таа ќе прерасне во нов модерен булевар. Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме како еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина. Овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Новиот булевар ќе има по 3 коловозни ленти во двата правца, 5 метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни“, истакна градоначалникот Шилегов.

За реализацијата на овој капитален проект ќе бидат издвоени околу 150 милиони денари со пресметан ДДВ.

„Нашата заложба е Скопје да го добие ликот како што е замислен во плановите. Ретко е во исто време во Скопје да се градат два нови булевара, два сосема нови сообраќајни коридора, а во моментот паралелно се гради втората фаза од новиот булевар Христијан Тодоровски – Карпош во Бутел“, додаде Шилегов.
Градоначалникот Шилегов апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.
Градоначалникот на Бутел, Смилевски, му се заблагодари на градоначалникот Шилегов за одличната соработка и реализацијата на овие два нови булевара на територијата на општината.
Во рамките на големите активности за реконструкција на сите оштетени улици со цел побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град, во изминатиот период почнаа изградбата и реконструкцијата на повеќе улици и булевари, меѓу кои: реконструкција на булеварот Партизански одреди во Влае, втората фаза од проектот за изградба на булеварот Христијан Тодоровски – Карпош во Бутел, како и реконструкција на улицата Ацо Шопов. Во наредниот период ќе почне реконструкцијата и на улиците Брадфордска и Лондонска во Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

