Македонија
Почна Охридскиот дијалог за предизвиците со кои се соочуваат Северна Македонија и регионот
Во Охрид денеска почна Охридскиот дијалог, чиј домаќин е премиерот Зоран Заев, а во коорганизација со Атлантскиот совет и Охридската група.
Министерот за надвореши работи, Никола Димитров, имаше воведно обраќање на неформалниот прием со кој се одбележа почнувањето на стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочуваат Северна Македонија и регионот.
На настанот присуствуваат голем број дипломати и претставници од владиниот и невладиниот сектор од Европа и Америка. Меѓу нив, на вечерата присуствуваат поранешниот генерален секретар на НАТО – лорд Џорџ Робертсон и Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет, кој ќе ја води неформалната дискусија.
Настанот се организира во очекување на полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бирото за развој на образованието одбележува 70 години постоење
Седум децении од основањето денеска одбележа Бирото за развој на образованието, а на свеченоста организирана по тој повод се обрати и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која упати благодарност до сите сегашни и поранешни вработени во институцијата за придонесот кон градењето на националниот образовен систем, посакувајќи уште многу ефективен труд и позитивни резултати во иднина.
„Министерството за образование и наука и Бирото сега имаат идентична визија во која насока треба да се движи образованието. Напорите се обединети и насочени кон иста цел – добивање на европскиот предзнак, што, ценам дека така единствени, полесно и побрзо ќе го добиеме. Тоа е многу важно. Времето за земји во развој е скапоцено, особено за Македонија која, да бидеме искрени – има години и години потрошено на други приоритети, наместо на развој на образованието како наш основен ресурс за просперитет“, рече Јаневска.
Министерката истакна дека работата на Бирото воопшто не е едноставна. Институцијата има задача да сложува мозаик, а умешноста е во кусо време да се пронајде правото место и на најмалиот елемент.
„Денес, ваша и наша обврска е да одговориме на брзиот развој на дигиталните алатки и вештачката интелигенција, но и на промените во општеството — миграциите, нискиот наталитет, новите потреби на учениците и наставниците. Исправени сме пред потребата од образовен систем кој е отворен за секое дете, ги препознава различните можности и потреби на учениците и ги поддржува наставниците да се надградуваат и да ги следат современите педагошки пристапи. Учебниците треба да бидат разбирливи и актуелни, а наставните програми да овозможуваат систематски развој на знаење, вештини и вредности, во согласност со европските стандарди и барањата на пазарот на труд“, нагласи Јаневска.
Потенцираше дека е најважно во градењето на квалитетно образование да бидат вклучени сите сегменти од општеството, а не само училиштата и нивните служби, туку и родителите, локалната заедница, реалниот сектор и медиумите.
„Не смееме да штедиме труд. Со високо ниво на меѓусебна доверба да останеме посветени кон реформите. Тоа е и најдобар начин да изразиме благодарност до сите кои оставиле трага во Бирото и седум децении придонесувале во развојот на образованието во Македонија“, рече Јаневска.
На свеченоста се обрати и директорката на Бирото за развој на образованието, а беше промовирана и Монографија – 70 години БРО.
Македонија
Стоилковиќ – Сијаојан: Односите меѓу Македонија и Кина се карактеризираат со долгогодишно меѓусебно разбирање, почитување и поддршка
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со делегација од Амбасадата на НР Кина во Скопје, предводена од новоименуваната амбасадорка, Џанг Сиаојан.
Средбата се одржа во конструктивна атмосфера, при што двете страни изразија задоволство од континуитетот и квалитетот на билатералните односи. Амбасадорката Сјаојен го реафирмираше принципиелниот став на Народна Република Кина за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија.
Во рамки на разговорите беше потенцирано дека односите меѓу двете држави се карактеризираат со долгогодишно меѓусебно разбирање, почитување и поддршка, како и дека постои солидна основа за нивно натамошно унапредување.
„Предизвиците не се мали, ниту ограничувањата, но нема да се откажам од тој прозорец на соработка со Кина. Треба пречките да ги надминуваме, а расположението да го преточиме во соработка“, истакна Стоилковиќ.
Осврнувајќи се на трговската размена меѓу двете земји додаде: „Имаме размена која е диспропорционална, затоа бараме трговска преференција за македонските производи. Ова се ситни чекори кои мораат да почнат да се реализираат и работите да се туркаат напред.“
Амбасадорката изрази подготвеност да придонесе кон продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес, со цел дополнително јакнење на партнерските врски, со фокус на визниот режим за кинеските граѓани и акцент на туризмот за што најави средба со тамошните туроператори.
На крајот од средбата, соговорниците ја истакнаа важноста од одржување редовен и интензивиран дијалог како предуслов за понатамошен напредок во билатералните односи. Двете страни изразија подготвеност за продолжување на досегашната успешна соработка, како и за иницирање нови проекти и активности кои ќе придонесат за создавање уште посилни и поодржливи врски меѓу РС Македонија и НР Кина.
Македонија
Ѓорѓиевски: По неколку децении, почнуваме со целосна реконструкција на улицата Фрањо Клуз во Аеродром
Во насока на унапредување на инфраструктурата и подобрување на условите за движење на граѓаните, Град Скопје започнува со реализација на уште еден значаен проект, информираат од Град Скопје.
„После неколку децении, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ (Црвена Вода 7) во Аеродром. Денес, заедно со градоначалникот Дејан Митески и новиот директор на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, го означивме почетокот на овој значаен инфраструктурен зафат. „Фрањо Клуз“ е улица која игра клучна улога во урбаниот дел на општината, сообраќајница што секојдневно ја користат илјадници граѓани“, истакна градонаќалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во врска со започнувањето на целосната реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во општина Аеродром.
Станува збор, како што рече за улица која со години е оставена на забот на времето, небезбедна, оштетена и запоставена.
„Денес ставаме крај на таа слика. Ова е улица што одамна го заслужуваше вниманието, а денес тоа конечно и го добива. Со овој зафат, улицата ќе добие двослоен асфалт, нови рабници и уредени тротоари, создавајќи безбеден, чист и функционален простор за сите минувачи. Ќе изградиме улица која ќе биде пример како треба да изгледаат современите градски сообраќајници – уредени, безбедни и наменети за секого. Ова е само почеток. Следуваат уште поголеми проекти за нашето Скопје. Ќе работиме во секоја општина, секое маало, секоја населба. Скопје заслужува“, изјави Ѓорѓиевски.

