Македонија
Почнуваат подготовките за пописот, неизвесна графата за етничка припадност
До 27 месецов треба да се најде фирмата што ќе го изработи софтверот, односно апликативното решение за пробниот попис и пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија. Државниот завод за статистика денеска го распиша огласот, со што и официјално почнуваат подготовките за пробниот попис што ќе се одржи во април годинава и за официјалниот попис на населението во април наредната година.
„Сега се бараат решенија за апликацијата, со оглед на тоа што пописот ќе се врши со преносни компјутери. Пробен попис ќе има во 16 градови и 16 села, а за делот со исфрлањето на графата за етничката припадност крајниот збор го оставаме на Парламентот. Ние го кажавме своето мислење“, изјави за „Макфакс“ директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски.
Во тендерската документација можат да се видат и некои од прашањата што треба да ги содржи апликацијата. На пример, модулот за податоци на лица, односно прашањата на кои треба да одговараат луѓето кои ќе бидат попишувани содржат мајчин јазик, државјанство, тие ќе бидат прашувани и колку време се присутни на адресата, дали лицето се враќа во домаќинството повеќе од двапати во еден месец, економскиот статус, превозното средство што се користи за да се стигне до работното место/образовната установа, главни извори на средства за живеење итн. Графата етничка припадност не е содржана во тендерската документација за софтверот.
Од Државниот завод за статистика изјавија дека е можно при пописот да нема прашање за етничката и за верската припадност бидејќи, како што тврдат, тие податоци немаат употребна вредност и се подложни на политички злоупотреби.
„Немало попис што не бил цел на политизација, а најмногу се политизира етничката компонента. Затоа сме подготвени да се откажеме од некој аспект, но политизација нема да дозволиме. Да потсетам, ова е статистичка операција. Според нашиот Устав, правата на одредена група граѓани произлегуваат од јазикот што го говорат, а не од етничката припадност“, изјави пред неколку месеци Симовски.
Крајниот збор за ова треба да го каже Собранието согласно со новиот Закон за попис, иако жестоки се реакциите во однос на бришењето на графата за етничка припадност, со оглед на тоа што државата ќе нема увид за процентот на етничките заедници кои живеат во Македонија.
Целата операција со пописот треба да чини 8 и пол милиони евра, што е далеку помалку од 14-те милиони за пропаднатиот попис во 2011. Неуспешниот попис го актуелизираше и СЈО, кое врз основа на снимки од бомбите отвори истрага за Никола Груевски и Али Ахмети под сомнение дека тие ја злупотребиле службената положба и го оштетиле буџетот за 175 милиони денари.
Последниот попис во земјава беше одржан во 2002 година и Македонија е една од ретките држави во светот каде што населението не било пребројано повеќе од 17 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

