Македонија
Почнува меѓународниот танц-натпревар Dance OFF
Скопје е подготвено за еден од најзабавните и најинтересни настани во светот на танцот кој ќе се одржи оваа година. Студијата Eat the beat и Break a leg в петок, сабота и в недела во „А1-арената“ СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје го организираат меѓународниот танц-натпревар Dance OFF. Веќе има пријавено над 2.700 учесници од 17 држави, кои ќе се натпреваруваат в сабота и в недела.
„Танцот е во нашата крв. Тој е од огромно значење затоа што претставува темел врз кој може да се изразуваме емоционално со движење и ритам. Пример за тоа се над 2.700 пријавени натпреварувачи од 17 држави, како Бугарија, Грција, Кипар, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Данска, Русија, Полска, Словачка, Италија, Словенија, Романија, Украина и други. Како организатори се погриживме тоа нивно изразување да не биде ограничено од ништо. Имаме одлична бина, прекрасен простор и осветлување и феноменална организација, која знаеме дека дополнително ќе ги мотивира учесниците, и тие од странство и домашните“, вели Трајче Петковски од скопското студио Break a leg. Петковски додава дека ги поканува сите што сакаат подобро да се запознаат со танцот и да навиваат за своите омилени, особено за македонските учесници, да дојдат в сабота и в недела од 9 до 21.30 часот.
„Овој меѓународен натпревар го правиме 4. година по ред и имаме четирипати повеќе енергија од порано. Секој што ќе дојде в сабота и в недела ќе може да гледа феноменални настапи од хип-хоп до латино и балет. Самиот настан е поддржан и во склоп на настаните на Светската танцова федерација (ИДО) и затоа е многу интересен. Имаме натпреварувачи од најмали до возрасни, од 4 години до 34 години. Најискрено се надеваме дека Dance OFF повторно, исто како изминатите 3 години, ќе поттикне многу луѓе да се впуштат во светот на танцот. Тој носи многу придобивки, како на здравствен и развоен план така и на друштвен, особено кај децата. Ние го гледаме тоа секој ден“, порачува Илија Карадакоски од Eat the beat. Тој изразува искрена надеж дека оваа година ќе биде уште еден пример за наредната создавајќи предизвик кој со сигурност ќе го надминат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од вторник заладување со пообилни врнежи од дожд и снег
Управата за хидрометеоролоши работи (УХМР) најави дека утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег.
На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег.
Како што најави претходно УХМР, на планините во северните делови денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а попладне ќе дува ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17 степени. Утре минимална температура од -1 до 4 степени, а максимална од 4 до 13. Најниска утринска температура се прогнозира за во четврток, од -1 до -8 степени.
Македонија
Граѓаните може да го видат работењето на Уставниот суд одблизу секој прв четврток во месецот
Уставниот суд на Македонија, по повод 62-годишнината од првата седница одржана на 15 февруари 1964 година, ги повикува граѓаните на редовни средби со претседателот Дарко Костадиновски, кои ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот.
Прес-службата на Уставниот денеска соопшти дека целта на средбите е да се приближи работењето на овој суд до граѓаните, да се подигне свеста за уставно загарантираните права и да се објасни начинот на правилно поднесување на поднесоци.
Посочуваат дека средбите претставуваат можност граѓаните одблизу да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштита на правата и слободите.
За учество, заинтересираните можат да се пријават на електронската адреса [email protected], а за дополнителни прашања на располагање е и телефонскиот број +389 2 322 3626, се наведува во соопштението.
Македонија
Измени на Законот за електронски комуникации за укинување на трошоците за роаминг
Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.
Европската комисија на Лидерскиот самит со земјите од Западен Балкан за Планот за раст одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година формално извести дека ќе започне постапка за изнаоѓање правно решение со кое ќе се овозможи земјите од регионот да пристапат кон инцијативата за „Роаминг како дома“.
Во август 2025 година Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата на Европската комисија за укинување на роаминг трошоците со земјите од Европската Унија, како дел од Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, со Акциски план за усогласување со европското законодавство за роаминг и прилози. Согласно акцискиот план се задолжи Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Агенцијата за електронските комуникации да го спроведе Акцискиот план во кој е утврдено дека најдоцна до 22 декември 2025 година да се изработи и до Владата да се достави детална анализа на правната празнина (GAP analysis) меѓу националното законодавство и релевантните регулативи на Европската Унија, и најдоцна до април 2026 година да изработи законски/подзаконски акти врз основа на деталната анализа.

