Македонија
Почнува судењето за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ
Во Основниот суд Скопје 1 треба да почне судењето за предметот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство за незаконското финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Обвинети се поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, бегалецот Никола Груевски, ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која лани призна вина и доби условна казна.
СЈО тврди дека обвинетите незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во готовина, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на различни имиња. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари. Предметот ќе го суди судечки совет со кој ќе претседава Осман Шабани.
Никола Груевски е обвинет дека во периодот од 2009 година до 2015 година спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупцијата, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие свои активности му помагале обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски, кои, им вршеле притисок на претставници на правни лица, кои пак, имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
Обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување налози за плаќање на обврските и за купување недвижен имот за ВМРО-ДПМНЕ.
За предметот „Талир“ има уште едно обвинение за кое судот сè уште се нема произнесено дали е оценето обвинението, а се однесува на незаконска изградба на партиското седиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од Резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.

