Македонија
Почнува судењето за организаторите на 27 април

Почнува судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието во Кривичниот суд во Скопје. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“, кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не им станат достапни на органите на прогонот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Таравари не може да бега од одговорност за затворената кардиохирургија која е стратешки интерес на државата“, велат од партијата Левица

„Министерот Таравари продолжува да ја крие сопствената одговорност позади некаква стручна комисија, која треба да утврди дали имало пропусти од здравствените работници за случајот со починатиот пациент на Клиниката за кардиохирургија. Јавноста мора да знае дека затворање на единствената сала на Кардиохиругија, во услови кога очигледно пациентите нема каде да се пренасочат – претставува колапс на здравствениот систем по директива на министерот!“, велат од партијата Левица.
„Пропустите на Таравари стануваат евидентни доколку се погледне и самата набавка на апаратот за компјутерска томографија, тендер кој скандалозно воопшто не е ни јавно објавен. Оттука прашуваме, зошто министерот Таравари ја крие сумата со која овој апарат (тежок 3 тона) е набавен? Дали Таравари се обидува да ја скрие фирмата која го добила тендерот, со оглед што истата фирма се спомнува претходно и во друга контроверзна набавка во јавното здравство?!
Односно, од информациите кои пристигнаа до Левица, се работи за добро позната компанија, која уште во времето на министерот Фатмир Меџити (од партијата на Таравари) склучуваше тендери по астрономски цени. Оваа компанија со тогашниот министер Меџити склучи тендер за набавка на медицински апарат по цена од 940.000 евра, иако истиот апарат може да се набави и по двојно пониска цена!
Дали затворањето на единствената сала на Клиниката за кардиохирургија е поради несоодветно реализиран тендер со контроверзна компанија, чија јавна набавка никаде не се објавува? Уште еден момент кој ја бранува јавноста е што Министерството за здравство прво го набавило апаратот, без да изврши соодветна проценка дали може истиот да се инсталира на Клиниката. Еклатантната неспособност на Таравари се гледа во тоа што откако бил набавен апаратот тежок речиси 3 тони, потоа одлучиле да реконструираат потпорни ѕидови на самата Клиника, што дополнително го пролонгира отворањето на салата на Клиниката за кариохирругија.
Бидејќи министерот Таравари очигледно е фокусиран само на локалните избори, додека пациенти во тешка состојба нема каде да се оперираат – Левица бара од Владата итно да го разреши министерот за здравство кој дозволи еден живот да згасне пред вратите на затворена сала!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази, прашуваат од ДУИ, по трагедијата во Кочани

Демократската Унија за Интеграција со сериозна загриженост ги следи случувањата поврзани со трагичниот настан во Кочани и начинот на кој институциите на правдата го водат процесот, под јасен политички притисок и со намера вината да се префрли кај други, за да се заштитат сопствените луѓе на власта, инфрормираат од оваа партија.
„Информациите дека еден јавен обвинител кој бил дел од предметот се повлекол, поради несогласувања околу квалификацијата на делото и особено поради политички притисоци од страна на партии во Владата, во нормална држава, би бил аларм за целото општество.
Во нашата реалност, молкот на институциите зборува погласно од било која одлука.
Вчера беше донесена одлука речиси сите приведени да бидат пуштени, освен Крешник Бекташи, кој и понатаму останува во притвор – личност која одамна е цел на политичка одмазда.
Ова не е веќе индивидуален случај – туку опасен модел на селективна правда, која станува алатка за политички притисок и елиминација“, велат од ДУИ.
ДУИ бара јавно и веднаш Обвинителството да одговори пред граѓаните:
– Дали е вистина дека обвинител се повлекол поради политички водена истрага?
– Ќе дозволи ли Обвинителството да стане инструмент за политичка одмазда кон опозицијата?
– Кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази и со нејасна истрага?
„Ова не е правда – ова е политика во судска обвивка.
Не смее да дозволиме трагедијата во Кочани да се искористи за политичка пропаганда и прикривање на одговорноста на владејачките структури.
ДУИ не брани поединци, туку ја брани правдата како принцип, еднаква за сите“, се истакнува во партиското соопштение.
Македонија
Времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица

Синтек Инженеринг известува дека отпочнува времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 до 31.5.2025, поради изведба на реконструкција на десната тунелска цевка на Тунел Т2. Десната тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е целосно пренасочен во левата тунелска цевка, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.