Македонија
По неколку децении, градежна офанзива во Припор
Интензивни градежни активности од денес, се одвиваат во скопски Припор. Оваа населба во која декади наназад многу фреквентни сообраќајници беа оставени на милост и немилост на времето, од денес добива нов лик, информираат од општина Кисела Вода.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој изврши увид во работите на улицата Сава Ковачевиќ 23, истакна дека во наредните седмици општина Кисела Вода ќе ги санира оштетените улици во Припор, наведувајќи дека станува збор за површина од над 10.000 квадратни метри. Онаму пак, каде што има потреба, ќе се пробијат и нови улици.
![]()
Додаде дека градежната офанзива, ќе ги опфати и сите други месни и урбани заедници, согласно планот за рамномерен развој на целата општина
„Припор од денес е зафатен со интензивни градежни активности! Ги санираме оштетените улици, меѓу кои Сава Ковачевиќ, нејзините краци – 23, 24, 25 и 27 и улицата кај црквата, односно патот што води кон Теферич. Фреквентни сообраќајници со површина од над 10 000 квадратни метри на кои никој, децении наназад, не интервенирал со градежен зафат. На одредени позиции, пробиваме и нови улици! За неколку седмици, согласно моите дадени ветувања за рамномерен развој на сите населени места во општината, Припор ќе добие сосема нов лик, а патната структура ќе продолжиме да ја обновуваме и во останатите месни и урбани заедници! Градежната офанзива на која ќе сведочат сите наши жители, ќе донесе удобност и безбедност за учесниците во сообраќајот и нов современ изглед на целата општина Кисела Вода“ – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

