Македонија
По осум дена гаснење сè уште е активен пожарот кај Сарај
Пожарот кај селото Раовиќ во општината Сарај е сè уште активен, каде на засега неутврдена површина гори мешана шума.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека во гасењето на пожарот учествуваат 50 припадници на специјалните единици на МВР во содејство со 7 француски експерти кои со полициски хелихоптер беа префрлени на сртот на кањонот Матка и извршија комплетна претрага и догасување на постоечките жаришта.
Денеска во 14 часот, како поддршка се приклучи и Црногорскиот хелихоптер со 12 налета испуштајќи голема количина на вода.
„Запрепастува фактот дека и покрај 8 дневното активно гасење на пожарот, утврдено е дополнително странично повеќеметарски оддалечено повторно потпалување – тлеење, а самото тоа не дозволува целосно ликвидирање на пожарот. Во неколку наврати, денес се дејствуваше и од воздух со хелихоптер на МВР“, велат од ЦУК.

Пожарот кај селото Раовиќ во општината Сарај
Пожарот на отворен простор помеѓу селата Барово и Вешје е целосно ставен под контрола, исклучиво сртот кој ги двои двете села сеуште покажува активност, но денес околу 16.30 часот ГШ при ЦУК одлучи да прати еден хелихоптер да изврши повторна активност со исфрлање на вода на непристапниот срт, а луѓето кои се распоредени околу сртот да извршат целосно догасување. Во денешната активност за гасење на овој пожар учествуваа 50 припадници на АРСМ од страната на село Барово, 60 припадници на специјалните сили на МВР, 20 припадници на Национални Шуми и околу 50тина мештани и вработени на Јавни претпријатија од Демир Капија, како и две ПП екипи од Неготино. Со активноста околу гаснењето на пожарот координираше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, како и градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров.
Пожарот кој се случил вчера во атарот на селото Горно Мелничани општина Центар Жупа денеска беше под контрола, но истиот повторно се активираше околу 13 часот. Во гаснењето на пожарот се ангажирани 1 ПП возило со 5 пожарникари, 20 полицајци, 12 работници од ЈП Национални Шуми, и еден Багер од Општина Центар Жупа. Главниот штаб при ЦУК со оглед на исклучително тешката состојба со пожарот во Центар Жупа, донесе заклучок за утре да се активираат двата хеликоптера во 8 часот наутро, 40 припадници на АРМ, 30 припадници на специјалните полициски сили, 15 припадници на Национални шуми, како и две ТППЕ и еден тим на ДЗС за да помогнат во справување и ставање под контрола на истиот.
Исто така, согласно член 34 од Законот за управување со кризи, донесен е заклучок директорот на ДЗС да активира дополнителни ТППЕ кои се најблиски територијално до општина Центар Жупа.
Пожарот помеѓу селото Црвена Вода и планинарскиот дом Китка, ( Општина Студеничани ) е ставен под контрола.
Шумскиот пожар на подрачјето на општина Кратово во м.в.Кормина, близу селото Емирица, во кој е опожарена борова шума е локализиран.
Во раните утрински часови појавен е и пожар кај мв.Круша, Гевгелиско. Пожарот беше ставен под контрола, но сеуште се на терен екипи од ШС „Кожув“ поради високите температури. Изгорени се околу 2ха квалитетна букова шума.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.

