Македонија
По пет месеци препораки: укинат ковид-тестот пред операции за кој пациентите најчесто плаќаа од свој џеб
 
																								
												
												
											„Мој термин“ ги укина пунктовите за тестирање за Ковид-19 во Скопје и матичните лекари ги извести дека од понеделник ПЦР тест ќе се прави само во просториите на Центар за јавно здравје. За тестирањето е неопходен упат од матичен лекар, а право на бесплатен тест имаат само пациенти сомнителни на Ковид – 19. Досега матичните лекари издаваа упати и за лица кои не се сомнителни за Ковид – 19, но потребен им е негативен резултат од ковид – тест поради операции или различни интервенции. Од понеделник такви пациенти нема да добиваат упати, а од Комисијата за заразни болести велат дека во никој случај пациентите не треба да издвојат пари од свој џеб за да се тестираат.
„Веќе пет месеци препорачуваме да не се бара тестирање пред операции, а последната одлука на ’Мој термин’ во никој случај не значи дека пациентите отсега ќе треба сами да плаќаат за тестирањето. Напротив, ние како Комисија за заразни болести препорачавме дека таков тест не е неопходен и оставивме можност оние кои сепак ќе инсистираат на тестирање, тоа да го направат со брзи тестови, во самата институција во која се прави интервенцијата. На сите им беа поделени по 500 брзи тестови за да се скрати постапката пред интервенциите и да им се олесни на пациентите. Оваа одлука на ’Мој термин’ се повикува на истата препорака од пред пет месеци, нова не сме донеле“, вели Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести за „Макфакс“.
Пациентите со закажани операции, досега најчесто плаќаа за тестирањето за Ковид – 19, и покрај тоа што матичните лекари можеа да им издадат упати и тестот да го направат на државен трошок. За да го избегнат тешкото усогласување на термините за тестирање со терминот за операција, најчесто одлучуваа да платат за ПРЦ-тестот оти тестирањето во приватните лаборатории не се закажува и резултат го добиваа истиот ден.
Според последната објава на Институтот за јавно здравје, бројот на тестирани лица за Ковид – 19 за периодот од 13 до 19 февруари, бележи мал пораст во споредба со претходната недела. Од 13 до 19 февруари тестирани биле 2511 лица од кои 119 биле позитивни на коронавирусот. Во истиот период пријавени се две починати лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Македонија
(Видео) Митева: Стевчо Јакимовски и неговите пајташи од градежната мафија сакаат бетонизација на Влае, присвоиле и улица за висококатница
 
														Стевчо Јакимовски и неговата градежна дружина сакаат бетонизација на Влае, присвоиле и улица за висококатница. Да ја потсетиме јавноста што се обидуваше Стевче да протурка овде во Влае, кажа денеска Maрија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фирмата „Аполо Инженеринг“ преку процес на приватизација дооформиле парцела во Влае, во склоп на тоа и улица, каде претходно Стевчо Јакимовски уцртал маркица за зграда.
Во решението за приватизација пишува дека „Аполо Инженеринг“ доставиле два геодетски елаборати во пропратната документација за приватизација. Точниот датум кога се доставени елаборатите не е наведeн, но може да се види дека се изработени по донесување на Деталниот урбанистички план (ДУП). Едниот е изработен кон крајот на 2016 година, а другиот во 2017. Во оној од 2016 е наведено дека парцелите за кои се бара приватизација се дел од градежна парцела предвидена во планот, додека пак во оној од 2017 година се другите катастарски парцели кои ја сочинуваат градежната парцела.
Една од парцелите за кои „Аполо Инженеринг“ побарале приватизација е дел од улицата Есперанто овде пред Кино Влае“.
За приватизацијата „Аполо Инженеринг“ како што посочи Митева, платила само 285 денари за метар квадратен или, како што рече, нешто повеќе од 3.500 евра затоа што добила намалување на цената за 35%.
„Неколку месеци по приватизацијата компанијата го продала целото земјиште на Јонче Спирковски кој е сопственик на „Аполо Инженеринг“. Во купопродажниот договор наведено е дека имотот е продаден за цена од 2.950.000 денари со вклучен ДДВ.
ДУП-от за Влае иако беше укинат од Уставниот суд откако Стевче Јакимовски повторно дојде на местото градоначалник во 2021 година, тој го стави ДУП за Влае со две планирани висококатници повторно во процедура“.
Митева оценува дека Стевчо Јакимовски продолжува да ја турка бетонизацијата во Влае со сите сили. Затоа, како што нагласува, треба да се стави крај на ваквото делување, во недела на 2 ноември, со заокружување на бројот 9, за Сотир Лукровски.
Македонија
Александар Јовановски нов директор на „Комунална хигиена“ – Скопје
 
														Александар Јовановски е нов директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Тој доаѓа од Град Скопје како инспектор во Секторот за инспекторат, а претходно искуство има и во Секторот за локален економски развој.
„Александар има повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица, а со работен ангажман во Здружението за заштита и унапредување на животната средина работел на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти. Јовановски има високо образование за менаџмент на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип и има меѓународен сертификат за институционални пристапи за заштита на животната средина. Со своето образование, професионално искуство и ангажман во јавниот и во приватниот сектор, Јовановски ќе придонесе во КХС – Скопје за унапредување на стандардите на јавното претпријатие, модернизација на системите за управување со отпадот и одржување чиста, здрава и еколошки одговорна животна средина во градот Скопје“, соопштија од Град Скопје.
Македонија
Само со заемна почит и разбирање може да има напредок и побезбедна иднина за сите: Сиљановска-Давкова на свечена вечера кај Макрон
 
														Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова синоќа присуствуваше на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум.
„Вчеравечер присуствував на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум.
Во пријатна атмосфера водевме разговори насочени кон зајакнување на глобалниот мир“, објави таа на социјалните мрежи.
Порача дека само преку заемна почит и разбирање можат да се создадат услови за напредок и побезбедна иднина за сите.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											