Македонија
По повод Светскиот ден на шумите, Николовски и Сојузот на извидниците реализираа акција за пошумување
Денеска, во месноста Богословец, во околината на Свети Николе, се одржа волонтерска акција за пошумување опожарени површини „Боренка“, во организација на Сојузот на извидниците на Македонија, на која учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во рамките на акцијата беа засадени 5.000 садници од видовите бор, даб и багрем. Учествуваа деца волонтери од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“, ООУ „11 Октомври“и и ООУ „Димитар Миладинов“, извидници од Свети Николе и Штип, како и волонтери од Волонтерскиот центар – Скопје, вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП „Национални шуми“.
„Кога се нарушува шумскиот биодиверзитет, се нарушува животот на сите шумски жители. Тоа ја потенцира одговорноста што ја имаме ние како институции, но и секој од нас лично. Токму затоа зелената транзиција е една од нашите цели, а пошумувањето е на врвот на листата на приоритети. Затоа минатата година проектиравме пошумување на речиси 600 хектари со над 1.200.000 садници од разни шумски видови. И ова е остварено, остана уште мал дел да се реализра со пролетното пошумување, кое веќе тече на локации во Кавадарци, Радовиш, Свети Николе, Пехчево, Берово, Делчево, Велес. Со исти планови продолжуваме и во 2024 година“, изјави Николовски.
Една од целите на Министерството, според информацијата од МЗШВ, е и подигање на јавната свест за значењето на шумите.
Добро да ги информираме граѓаните дека со нелегалното купување дрва од дрвокрадци тие ги поддржуваат нив, ги мотивираат уште повеќе нелегално да сечат дрва, а со тоа несвесно помагаат во уништувањето на шумите, велат од оваа институција.
За таа цел, Министерството ја поддржа и кампањата против нелегална сеча на дрво – „Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадството“. Ова е национална кампања што ја спроведува здружението на граѓани „Регионален центар за шумарство и рурален развој“ – РЕФОРД, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со финансиска поддршка на Агенцијата за шуми на САД.
„Со цело срце ја поддржувам мисијата на ‘Боренка’ и она што тие го прават учејќи ги нашите деца уште од најмали да ја сакаат и да ја почитуваат природата. Дете кое самото посадило дрво придонело да никне нова шума, како што садат овие деца денеска, утре ќе биде лојален и свесен граѓанин. Овие деца никогаш нема да поддржат нелегална сеча бидејќи ќе имаат развиена свест за значењето на шумите. Нивната мисија е многу благородна, тие денес со радост садат дрвја знаејќи дека во новата шума ќе уживаат сите шумски жители, а индиректно и сите ние“, потенцира Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево и топло, промена на времето со пороен дожд и грмежи од први мај
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, велат од УХМР.
Стабилното и суво време, сепак, нема да се задржи долго. Веќе од средината на следната седмица, повторно се очекува дожд.
Промената на времето ќе започне уште во среда, на први мај, кога во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Поголема нестабилност со дожд и чести грмежи се очекува во четврток.
Македонија
Апасиев од Тетово: Под власта на учките од ДУИ, поддржани од корумпираната македонска елита, секое второ дете од Полог се раѓа во Швајцарија
,,Етнотрибализмот ни го сервираат како европска вредност. Ние создадовме општество на квоти, коешто ни донесе секое второ дете од Полог да се раѓа во Италија, во Швајцарија или надвор од Македонија“, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Првиот концепт кој што ни го нудат е концептот на дејтонизација. Либанизација на Македонија, бејрутизација на Скопје. Тоа е нивната агенда, спонзорирана од западните амбасади. Ни понудија модел на бинационален грабеж.
Ние сме единствена земја во светот со еден Парламент и две Влади. Но помина времето кога Македонецот беше инфериорен во сопствената држава. Левица е принципиелно против Бадентер и против Балансер“, истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Македонија
Мицкоски: СДСМ и ДУИ имаа две сценарија, прво, тивок бојкот за претседателските избори, второ, Ахмети добил бел лист од Ковачевски да напише што сака
Државата ни ја одземаа. Народот изгуби контрола над системот, институциите се киднапирани од стотина души на ДУИ кои управуваат со се. Додека тие од СДСМ им се верни слуги во секој криминал и тендер. И навистина е лицемерно од ДУИ и СДСМ да велат дека носеле храбри одлуки што е храброст да продадеш име, устав, да проблематизираш историја, и повторно да бидеш пред портите на ЕУ. Затоа што и тие од ЕУ знаат дека криминалци владеат со државата, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот митинг во Кочани.
Мицкоски укажа дека од СДСМ и ДУИ се подготвени на се за да ги задржат фотелјите и привилегиите.
„Затоа излезот го бараат во двете сценарија. Првото е тивкиот бојкот за претседателсите избори кој го заговараат. Додека се удираат во гради дека ќе згазеле во вториот круг, всушност тие сакаат да одработуват на тивок бојкот и спласнување на атмосферата на изборите. Второто сценарио е она на Ковачвски кој ја дал најдарежливата понуда до Али Ахмети. Ахмети има добиено бел лист на хартија од Ковачевски на кој само треба да ги напише институциите и министерствата кои сака да ги добие“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека излезот од сето ова е масовна излезност на изборите, како и масовна и недвосмилена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ која е единствената сила за промени.
„Таа поддршка ни е потребна и за да нема уцени, ниту притисоци. Да имаме сила за промени, а таа сила можете само вие да ја дадете, народот на Македонија. Во првиот круг тука победата беше убедлива. 8079 гласа на 3900 за поранешнот претседател Пендаровски. Сега поддршката нека биде уште поголема за да може да жолтиот картон од првиот круг да биде црвен. Имаме незавршена работа, која ќе се финализира со огромна победа на 8 мај“, изјави Мицкоски.
Мицкоски се обрати и до неопределените, како и оние кои гласаа за кандидатите кои не се дел од вториот круг.
„Цунамито не огромниот бран на промени е започнат. Приклучете се и бидете дел од оваа генерација која одучува за сопствената иднина. Има надеж и ние заедно ќе се избориме. Сите оние кои пак во првиот круг гласаа за некој од другите опозициски кандидати кои сега се надвор од трката за претседател. Дојдете и поддржете ја единствената и главната сила за промени Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ. Да не се ситнат промените. Приклучете се таму каде што е огромното мнозинство кое ја носи новата надеж за иднината на државата“, кажа Мицкоски.
Мицкиски на крајот им порача на граѓаните. „Ова не е Македонија што ја сакаш и ја заслужуваш. Овие избори се последна шанса за спас. Ширете ја пораката на промените. Тоа не се промени за освети не се промени за поделби. Тоа се промени во кои надежта го победува стравот. Заедништвото ги победува поделбите“.