Македонија
По 10.000 денари награда за средношколците победници на натпреварот „Лидер на струка 2019“
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, денеска им ги додели дипломите на учениците победници на натпреварот „Лидер 2019“, со што тие официјално беа прогласени за лидери помеѓу врсниците во својата струка.
На натпреварот, што се организира веќе шеста година по ред помеѓу ученици од завршните години во средните стручни училишта, натпреварувачите го презентираат своето теоретско и практично знаење од струката што ја изучуваат и тоа најпрвин на ниво на училиште, а потоа и на државно ниво.
Оваа година се прогласени средношколски лидери во 9 струки, во колку што и се пријавија ученици за натпреварување. Покрај дипломата, секој ученик – лидер на струка, како и наставникот што го подготвувал за натпреварот, ќе добие и парична награда од страна на Министерството за образование и наука во висина од 10.000 денари.
„Им честитам на сите победници на натпреварот и им посакувам уште многу успеси и понатаму во текот на образованието, а и потоа, што е уште поважно. Тоа што го научиле, а научиле многу, со оглед на освоените први места, посакувам да им донесе стабилен и високоплатен работен ангажман во иднина“, рече Адеми изразувајќи благодарност и до сите други ученици што пројавија интерес за учество во натпреварот додавајќи дека натпреварувачкиот дух е многу важен за полесенo чекорење на патот кон успехот.
Адеми потенцира дека ќе се заложи натпреварот и во иднина да се организира на највисоко ниво и со учество на што поголем број ученици, а исто така најави и продолжување на планот за континуирано унапредување на квалитетот на стручното образование и обука, за кое, како што рече, нуди голем просперитет за секој што ќе одлучи за се образова во некоја струка со оглед на дефицитарноста.
„Реализацијата на многу успешни мерки, проекти и активности од планот за развој, промоција и зголемување на атрактивноста на стручното образование, како подготовката на повеќе од 1.000 нови наставни програми, опремувањето на училиштата и воведувањето на концептот на дуално образование, ми даваат мотив да продолжиме со идејата за создавање современ и конкурентен образовен систем. во кој стручното образование ќе биде основен столб и креатор на кадровски потенцијал што ќе ја гради иднината на земјата“, рече Адеми.
Оваа година во рамките на натпреварот „Лидер“ првите места ги освоија Бранкица Несторовска од СОУ Добри Даскалов“ од Кавадарци во економско-правната и трговска струка, Марија Гуџевска од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово во текстилно-кожарската струка, Ангел Насев од битолското средно училиште „Ѓорѓи Наумов“ во електротехничката струка, Марко Лазаревиќ од „Димитрија Чуповски“ – Велес во хемиско-технолошката струка, Ријад Бавќари од АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје во машинската струка, Дарко Наумовски од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид во сообраќајната струка, Ангел Атанасов од струмичкото средно училиште „Никола Карев“ во градежно-геодетската струка, Дарко Јованов од СОУ „Кочо Рацин“ во Св. Николе во земјоделско-ветеринарната струка и Стефан Аврамоски од „Ванчо Питошески“ во Охрид во угостителско-туристичката струка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

