Македонија
По 15 години се ажурира позитивната листа на лекови, овозможено деблокирање на процесот на воведување нови лекови, соопшти Владата
Денеска во Владата, на иницијатива на Канцеларијата на премиерот Димитар Ковачевски, се одржа состанок на кој присуствуваа Министерот за здравство, Фатмир Меџити, заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева, советничката за здравство на премиерот, Ана Данева-Маркова, претставници на Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за лекови и медицински средства, претставници од фармацевтските компании, дел од стопанските комори во земјава, а во соработка со Здружението на пациенти на кој се разговараше за можни решенија за ажурирање на позитивната листа на лекови како и за изнаоѓање на одржливо трајно решение со цел поефикасно задоволување на потребите на граѓаните.
На состанокот беше потенцирано дека унапредувањето на јавното здравство и подобрувањето на грижата за пациентите е значаен стратешки приоритет на Владата на Република Северна Македонија.
Оваа цел може да се постигне единствено преку обезбедување на механизми за навремен и соодветен пристап до современи, висококвалитетни лекови и медицински помагала.
Затоа, здравствен приоритет на Владата е деблокирањето на процесот на воведување на нови лекови на листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување.
На денешниот заеднички состанок во Владата, исто така беше разговарано и за можностите ефикасна и ефективна координација на сите чинители со цел подобрување на здравствените и фармацевтски политики во земјата во интерес на граѓаните и нивната благосостојба.
На средбата беше потенцирано дека листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија не е ажурирана веќе 15 години и дека е неопходно да се прочисти, а лековите кои се застарени да се сменат со нови без при тоа да има финансиски импликации врз буџетот, во исто време додека се бараат начини за воведување на иновативни лекови.
Во таа насока, министерот за здравство Фатмир Меџити истакна дека веќе следната недела се очекува да се формира Комисија за позитивната листа. Тој нагласи дека е оптимист и дека очекува што поскоро да се најде решение за прочистување на листата и нејзино дополнување со нови лекови. Затоа, како што рече министерот Меџити, потребно е поедноставување на процедурите.
На средбата се разгледуваше и Правилник за начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, кој беше донесен во март 2023 година, и беше нагласено дека на здравството треба да се гледа како на инвестиција, а не како на трошок.
Заеднички беше оценето дека овој Правилник е добра основа за изнаоѓање трајни одржливи решенија за обезбедување на неопходните лекови за сите граѓани. Со носењето на Правилникот за начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување се отвора можноста за етаблирање на функционален и одржлив систем за редовно обновување на листата на лекови.
Последните измени во овој Правилник овозможуваат склучување на специјални договори со кои ќе се овозможи влез на повеќе иновативни лекови за сите пациенти на кои им се неопходни, а истовремено ќе може да се предвиди и заштити здравствениот буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

