Македонија
По 15 години, Таравари ќе направи нова позитивна листа на лекови штом се назначи нов директор на Фондот за здравство
Нова позитивна листа на лекови и нов закон за лекови најави денес министерот за здравство, Арбен Таравари. Ревидирање на листата на лекови кои се на товар на државата, министерот Таравари смета дека треба да се прави еднаш годишно.
„Јас чекам само директорот на Фондот да се назначи, затоа кажав за две недели и веднаш, по 15 години, ќе излеземе со нова позитивна листа, која повремено ќе биде ажурирана. Мислам дека таа листа треба да се обновува секоја година, меѓутоа ќе излеземе и со нов закон за лекови, со кој ќе обезбедиме квалитетни лекови во државата, но истовремено ќе побараме и рационално користење и припишување на лековите. Ни треба период со експертите, можеби и со претставници од сите поголеми политички партии, здравствени комисии, да седнеме да направиме еден закон што ќе биде одржлив и прифатлив за сите во периодот, да речеме, за следните десет години“, вели министерот Таравари.
Целта на измените ќе биде секоја болница во секое време да ги има потребните лекови, но нагласи дека особено ќе внимаваат на злоупотреби на лековите за што смета дека решение е дигитализацијата.
„Ни се случи Онкологија. Јас не би сакал да размислувам или да верувам дека има многу онкологии во Македонија, така што ќе треба интензивно да работиме и на дигитализација на здравството. Евентуално да се стават кодови во лековите за да имаме комплетна контрола и да има заеднички информатички систем за приватните и за државните јавни установи, стоматолошките, фармацевтските, а тука ги вклучувам и лабораториите, комплетно сè да биде дигитализирано и под контрола“, вели министерот Таравари.
Менување на позитивната листа на лекови најавуваа и сите негови претходници, но измени не се направија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД-програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера во попладневните часови се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Н.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Ф.Ф.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.

