Македонија
По 20 години, потпишан нов договор со Грција за соработка во одбраната
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оствари билатерална средба со грчкиот министер за национална одбрана, Евангелос Апостолакис, дел од високата делегација предводена од премиерот Алексис Ципрас, кој е во официјална посета на нашата држава.
Како што информираат од надлежното Министерство, Шекеринска и Апостолакис потпишале нов сеопфатен договор за соработка во одбраната, 20 години по потпишувањето на првиот договор за соработка од овој тип.
„Денеска сме сведоци на огромен чекор напред во зацврстувањето на соработката во одбраната меѓу Северна Македонија и Грција. Иницијативата за потпишувањето на договорот произлезе од нашата прва министерска средба на 13 февруари во Брисел. Од нашиот прв состанок зборуваме со еднаква посветеност суштински да ја засилиме соработката во одбраната, да покажеме дека сојузништвото во НАТО кон кое нè води преспанскиот договор е исклучиво во интерес на граѓаните на двете земји. Договорот за соработка во одбраната ја покажува нашата посветеност за соработка“, изјави Шекеринска на средбата.
Апостолакис потенцира дека неговата посета како дел од грчката официјална делегација претставува печат на силната волја да се засили и прошири билатералната соработка и да се подигне на ниво на стратешко партнерство во областа на одбраната.
„Договорот за соработка во одбраната што го потпишавме е јасен доказ за нашата силна намера да отвориме нова ера во билатералната одбранбена соработка меѓу двете армии“, истакна грчкиот министер.
Од Министерството за одбрана појаснуваат дека во договорот се наведени областите на соработка од заемен интерес – стратешкиот дијалог, одбранбената политика и доктрините, развојот на одбранбените способности, одбранбеното планирање, логистиката, воената медицина, военото образование итн.
Двајцата министри заклучиле дека денешната средба и новиот договор за одбранбена соработка се исклучителна можност за нова стратегиска соработка на билатерален, регионален план, но и како сојузници во рамките на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

