Македонија
Православните верници го слават Велигден

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари: Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба

По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство Арбен Таравари информираше за состојбата со пациентите, кои беа повредени во несреќата што се случи во Кочани.
Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба, рече тој и додаде дека планирано е 9 пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.
– Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат 5 пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава – рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 59 лица, а над 200 беа повредени. Трагедијата се случи за време на настап на групата ДНК.
Македонија
Контролите на објектите од безбедносен аспект ќе бидат етапни и долгорочни, најави Митева

Контролите на објектите од безбедносен аспект ќе бидат етапни и долгорочни, најави портпаролката на Владата Марија Митева.
-Во овој момент се скенираат ваквите состојби во делот на активна законска лиценца која е поседувана или непоседувана. За сите натамошни детали ќе се продолжи со етапна контрола на се она што е нерегуларно согласно законот и верувам дека и овој дел ќе биде опфатен од страна на надлежните институции, но тоа ќе бидат фази и етапи на кои долгорочно ќе работиме. Ова нема да биде една фаза на која сега ќе заврши контролата и веднаш ќе престанат инспекциите. Како што можевме да видиме, во моментот на добивање на лиценцата, конкретно во Министерството за транспорт, условите се исполнувани, но веднаш потоа е изигруван законот. Така што, ова е континуирана работа на којашто надлежните институции континуирано ќе работат, рече Митева.
Во врска со контролите на лиценците за вршење дејност и техничките услови на угостителските објекти, портпаролката одговори дека дежурни инспекциски тимови викендов биле фокусирани повеќе на тоа дали се почитува одлуката на Владата за деновите на жалост.
-Во текот на вчерашната ноќ немало утврдени никакви злоупотреби или непочитување на оваа одлука на Владата за денови на жалост. Веќе од утре овие тимови почнуваат со нов координативен состанок за да ги преземат сите идни чекори и каде ќе ја насочат контролата и веќе утре ќе бидат презентирани информации во јавноста, посочи Митева.
Македонија
Се „чешла“ документацијата и се проверуваат сите објекти од јавен карактер низ државата

Сите општини координирани преку ЗЕЛС започнаа со вонредни инспекциски контроли во сите објекти од јавен карактер низ државата. Во голем број од општините детално се проверуваат училиштата, градинките, спортските сали, културните домови, но и сите угостителски објекти и други места каде секојдневно се собираат наши граѓани.
Ова денеска го потенцираше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на заедничката прес-конференција со директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, Небојша Настов и портпаролите на Владата, Марија Митева и Венера Љатифи Азизи.
Ѓорѓиевски истакна дека инспекциските контроли ќе бидат континуиран процес и во наредните недели и месеци систематски ќе се проверуваат сите објекти во државата, со цел сите јавни и приватни објекти каде се собираат луѓе, било да се образовни, здравствени институции, спортски или културни објекти или угостителски локали, да бидат безбедни.
Тој нагласи дека е воспоставена тесна и силна координација со Владата и лично со претседателот на Владата, од првиот момент по несреќата во Кочани, со единствена цел брза и усогласена акција за надминување на состојбата.
Предизвик, според него, претставува недоволниот број инспекциски служби, особено во помалите општини. Ѓорѓиевски информираше дека во Општина Кисела Вода имало двајца инспектори за домување, а во многу од општини, како што рече, нема инспектори за домување, немаат градежни инспекции, комунални инспектори. Тоа, истакна, ќе мора заеднички да го решаваме во наредниот период ќе се спроведе меѓуопштинска соработка.
Градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека ЗЕЛС ја презема улогата на координатор на сите активности на локално ниво, за меѓусебна помош и споделување на ресурсите и знаењата. Инспекциските капацитети, најави тој, ќе се стават на располагање таму каде има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија.
Во поголемите општини, како што рече на прес-конференцијата Ѓорѓиевски, веќе се спроведуваат детални контроли на објектите, документацијата на објектите и почитувањето на сите безбедносни стандарди. Се внимава дали објектите имаат исправна протипожарна опрема и функционални противпожарни хидранти, дали електринчните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, постојат ли јасно обележани и функционални евакуациони патеки и планови, како и дали се поседуваат сите потребни документи и безбедноси елаборати.
Ќе има нулта толеранција за евентуалните неправилности. Ќе се преземаат решителни мерки согласно надлежностите на локалната самоуправа, рече Ѓорѓиевски и ги повика граѓаните ако забележат небезбедни услови да ги пријават.
Ѓорѓиевски најави дека утре ќе има седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која се поканети градоначалници на поголемите општи во државата, а ќе се направи детален пресек за состојбата во општините.