Македонија
Џафери за Велигден: Обединети да продолжиме и да осигураме благосостојба денес и за идните поколенија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во име на Владата на Република Северна Македонија и во свое име, испрати телеграма со честитки за најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, до православните верници и до сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
„Задоволство ми е во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое име, да Ви го честитам најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, Вам, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, на православните верници и на сите граѓани кои денеска го чествуваат празникот.
Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност, чекор кој води кон светла цел. Заедничкото добро, е благословена човекова определба, и тоа може да се постигне само ако се почитуваат основните постулати на кои упатуваат бројните примери низ историјата. Особено во денешен контекст, кога човештвото и светот секојдневно се соочуваат со најразлични предизвици кои се закана по животот, мирот, здравјето и менталната благосостојба, потребни се повеќе од кога било пораките на надеж, единство и верба во тоа заедничко добро, засновано врз практикувањето на универзалните вредности како што се хуманоста, солидарноста, одговорноста и взаемната почит.
Вашата улога има голема одговорност и јас Ви посакувам мудрост во исполнувањето на благородната мисија. Ви пожелувам празникот да го поминете во добро здравје, спокој во душата и среќа меѓу саканите, а со разбирање, меѓусебна почит и обединети, да продолжиме да ја унапредуваме Република Северна Македонија и да обезбедиме благосостојба денес и за идните поколенија“, стои во честитката од премиерот Џафери до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Македонија
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.