Македонија
Пратеникот Зибери пренесен во болница поради заразата со Ковид-19

Поранешниот директор на Центарот за јавно здравје-Скопје, Арбен Зибери, актуелен пратеник од ДУИ, денеска бил пренесен на Клиниката за инфективни болести поради влошување на здравствената состојба со коронавирусот.
Од Клиниката потврдуваат дека Зибери е пренесен кај нив и велат дека неговата состојба е стабилна.
Позитивниот резултат на Ковид-19, Зибери го доби на 30 август кога пратениците во Собранието гласаа за изборот на новата Влада, па тој гласаше од изолирана просторија во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека ги подметнува пожарите на депониите

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ги обвини опозициската СДСМ и ДУИ за намерно подметнување на пожарите околу Скопје.
„Хипокризијата кај СДС е се поизразена – наутро сеат страв со повици граѓаните да седат дома, а навечер прават журки во Градски парк, во меѓувреме се занимаваат со специјалноста палење депонии, одговорност ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека честите пожари во депониите не се случајни, туку се организирани од двете партии, и најавуваат одговорност за секој што, како што наведуваат, „игра со здравјето на граѓаните заради власт“.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера кога избувна големиот пожар во Трубарево во фирма која се заминава со елекронски отпад и пластика го впери прстот во опозициските партии. Од друга страна, СДСМ за состојбата со пожарите на депониите ги обвини кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на СДСМ, Венко Филипче, вчера преку својот профил на Фејсбук упати јавна реакција за пожарот во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните. Тој ги повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.
Македонија
Меџити доцна синоќа се огласи за Трубарево: Пожарот е под контрола, резултатите од мерењата се очекуваат

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, доцна синоќа се јави од Трубарево, каде што вчера избувна голем пожар во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад, што предизвика ширење на штетни супстанци во воздухот.
„Денешниот пожар во објектот за рециклирање на батерии и електронски отпад разбирливо предизвика загриженост кај сите граѓани. Фирмата има 10-годишна дозвола добиена во 2021 година. Апелирам на смиреност и доверба во институциите. Веднаш реагиравме, нашите инспектори го мереа квалитетот на воздухот и ситуацијата е под контрола,“ изјави Меџити во изјавата испратена до медиумите околу 3 часот по полноќ.
Тој рече дека првите резултати од мерењата се очекуваат во секој момент, но податоците утрово не се објавени.
Министерот за животна средина пристигнал во Трубарево доцна навечер, а во текот на целото попладне присуствуваше на партиските активности. Тој не се појави ниту на вонредната владина прес-конференција за пожарот, на која присутни беа министри од сите засегнати ресори, а новинарите го бараа поради итноста на состојбата. Меџити неколкупати се вклучи во живо на социјалните мрежи од партиските активности на кои присуствуваше во пресрет на локалните избори, каде е кандидиран за градоначалник на Чаир.
Македонија
Меџити не се појави на прес-конференцијата за опасниот пожар во Трубарево

Министерот за животна средина, Изет Меџити, вечерва не беше присутен на вонредната прес-конференција во МВР за големиот пожар во фабриката за електронски отпад во Трубарево, каде покрај батерии гореше и пластика што предизвика сериозна загриженост за здравјето на населението. Новинарите инсистираа да добијат одговор зошто ресорниот министер деновиве воопшто не се обратил до јавноста.
Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека материјал од местото на пожарот е земен од акредитирана институција и најави дека официјалните резултати ќе бидат објавени во понеделник.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека повеќепати разговарал со Меџити и со неговата заменичка, но ги упати новинарите да го прашаат директно вицепремиерот зошто не се појавува.
Присутните новинари потсетија дека попладнево Меџити бил на партиски настан, додека истовремено гореше складиште со електронски и пластичен отпад во Трубарево. Дополнително, тој не се појави ниту во изминатите денови, кога во главниот град гореа повеќе депонии.
На денешната вонредна прес-конференција зборуваа министрите Панче Тошковски, Азир Алиу, Цветан Трипуновски и Владо Мисајловски, заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Министерот Панче Тошковски објави дека не е регистрирано радијационо зрачење, а во непосредна близина на 150 метри на центарот од огнот има високо ниво на штетни супстанци и состојбата е високоризична. До 200 метри се забележува средно ниво на опасност, а до 400 е ниско ниво на опасност.
„За да ја минимизираме опасноста, препорачуваме оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови. На располагање се ставени сместувачки капацитети на Центарот за обука“, изјави Тошковски.
Тој истакна и дека се вршат разговори со три лица во станица, за да се утврдат околностите за пожарот, а оперативните активности продолжуваат.