Македонија
(Видео)Пратениците не отстапуваат од измените на членот 353, ама сега ќе ја вклучеле и јавноста
Пратениците се согласни дека треба да се менува членот 353 од Кривичниот законик бидејќи се користел за политички пресметки, а бил воведен од претходната власт. На Комисијата за политички систем мнозинство пратеници зборуваа за членот 353, кој не е дел од сега предложените измени и тие бараат да се донесе транспарентно, а не зад затворени врати.
Пратеникот Панчо Минов вели дека не треба да се бега од членот 353. „Ние не треба да бегаме од ова одредба. Повеќе од јасно е дека е направена од претходната влада во чиј контекст може да бидат сместени јавни овластувања како предмет на политички пресметки. Недефинирано е што е противправна корист и штета и има драконски казни. Оваа проблематика треба да се анализира од правосудната фела, од членките на Европската Унија. Компарации покажуваат дека вака е уредено во други држави, прашањето е недефинирано. Не сум да не се санкционира, но да се дефинира каква штета има и противправна корист“, рече Минов.
Тој порача новинарите да не го користат членот како спектакл и како да се однесува конкретно за некој функционер.
„Да не премолчуваме да се подготвува позади завеса туку транспарентно што поскоро. Новинарите да не го користат како спектакл и дека се однесува поименично за некој функционер. Да не биде простор за политички пресметки. Нека биде во прилог на помирувањето“, додаде Минов.
Пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека е грешно да се создава впечаток во јавноста дека се менуваат одредби заради индивидуалци.
„Треба потранспарентно низ дебата да ги подобриме сите членови, на тој начин сите ќе знаат дека нешто менуваме, а не општеството да се вознемирува дали ќе има или нема правда. Нема зошто да не се отворат јавно овие прашања како што беше вчера. Треба да се соочиме со јавноста“, рече таа.
Според пратеничката Снежана Калеска од СДСМ, пак, членот 353 не е табу-тема.
„Знаеме како беше вметнат, јасно е дека таа одредба мора да биде предмет на ревизија. Но тоа бара издржана и сеопфатна анализа, пренесена во јавноста како што треба. Потребата произлегува од тоа што Кривичниот закон не може да има одредби кои се предмет на слободно толкување. Среќна сум што сите како пратеници сфативме дека не може во ваква постапка да се донесе туку отворено како што доликува“, рече Калеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

