Македонија
(Видео) Пратениците се скараа за „Рекет“, за едните случајот е гулаш, за другите ајвар
Собраниската расправа за новите предлози за министри премина во меѓупартиски обвинувања за случајот „Рекет“. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта е замешана, а од СДСМ побараа темелна истрага.
„Мене ‘Рекет’ ми личи на маџарски гулаш подготвен во белата палата. Дајте шанса на обвинителството да ја заврши истрагата. Направивме сè за да добиеме датум за ЕУ, а тоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ е најмногу криво”, рече Мисовски од НСДП.
Никола Мицевски, пак, возврати дека нему повеќе му личи на ајвар алудирајќи на замешаност на функционери од власта.
„Ова мене ми личи на ајвар ‘Мамас’, повеќе супстанци измешани и кога ќе се праша кој учествувал во правењето не може да се види што има внатре, па експерти од Италија требаше да се вмешаат да видиме кој е замешан”, рече Мицевски.
Расправата продолжи со остри меѓусебни дофрлувања од место, свиркања и извикувања.
„Огромна е разочараноста и кај мене, како и кај граѓаните, Јанева мислеше дека ќе профитира од функцијата и затоа сега е во притвор”, рече Ивана Туфегџиќ, која продолжи со критики за скандалите на ВМРО-ДПМНЕ, за прислушувањето на амбасадорите и загрозување на безбедноста на новинарите.
„Излитена реторика е кога вие зборувате нема правда нема мир”, ѝ возврати Мицевски и посочи на неразрешениот скандал со прислушуваните обвинители.
Дискусијата за изборот на новите министри се очекува да трае до крајот на денот, а следна точка на дневен ред е изборот на заменик-министрите и вицегувернерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

