Македонија
Пратениците ја изгласаа потребата од носење на новиот Деловник за работа на Собранието
Пратениците ја изгласаа потребата од носење на новиот Деловник за работа на Собранието.
Со 78 гласа „за“ и два гласа „воздржан“ од присутните пратеници, Предлог-деловникот денеска го помина првото читање и оди во второ читање како следна фаза од постапката за донесување, односно на амандманска расправа во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а потоа и на пленарна седница.
Деловникот ќе стапи во сила од следниот парламентарен состав.
Претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери изјави дека со новиот Деловник ќе се надминат предизвиците со коишто се соочувало Собранието уште од независноста и дека слабостите како и различните толкувања ќе бидат оневозможени.
Џафери, образложувајќи го Предлог-Деловникот од собраниската говорница, рече дека тој е производ на дебата која трае веќе пет години во два собраниски состави, и е пример кој докажува дека политичкиот дијалог во Собранието може да резултира со консензус.
Во иднина, рече Џафери, нема да се повторат ситуациите што ги имавме во минатите состави, вклучувајќи го и овој состав. Ќе има заедничка гаранција дека Собранието не може да се блокира, туку ќе биде функционално во името на граѓаните.
Панчо Минов, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања, информираше дека ова работно тело донесе едногласен став дека има потреба од нов Деловник и дека Собранието треба да продолжи со неговото донесување.
Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова, истакнувајќи дека донесувањето нов Деловник е посебно значен чин за Собранието, се заложи за дополнително унапредување на одредбите од аспект на рамноправната родова застапеност во законодавниот дом. Притоа, таа посочи на одредбите за избор на потпретседатели на Собранието и родовата застапеност во работните тела.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова, посочи дека е позитивно тоа што предлогот е поднесен во редовна постапка и забележа дека во текот на амандманската расправа треба да се обрне внимание на дел од предложените одредби, во насока на нивно прилагодување кон Уставот. Таа посочи и дека е потребно понатамошно унапредување на механизмот пратенички прашања.
Пратеникот Фадил Зендели рече дека со тоа што се уште трае постапката за донесување на новиот Деловник, има доволно простор за подобрување и допрецизирање на
одредбите, при што, подвлече, треба да се најдат долгорочни решенија за одредени ситуации со кои се соочи овој пратенички состав во текот на својот мандат.
Пратеникот Димитар Апасиев рече дека Левица зазеде принципиелен став уште на самиот почеток да излезе од процесот, затоа што смета дека Деловникот на Собранието е прашање кое треба да се реши во рамките на законодавниот дом. Тој најави амандмани во понатамошната постапка за донесување на Деловникот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оцени дека очекува новиот Деловник да придонесе за поголема функционалност на законодавниот дом. Потврди дека во новото решение се вклучени повеќето забелешки што биле воочени во текот на практичната примена на Деловникот на Собранието кој е во сила и рече дека при процесот на изготвување сите учесници поаѓале од начелото дека новиот Деловник ќе се применува од новиот собраниски состав.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

