Македонија
Првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија од денеска е официјално отворена
Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), денеска официјално ја отвори првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија.
Младинската летна школа ќе се одржува од 16-ти до 20-ти јуни во Маврово, а повикот за учество на истата беше наменет за млади од Северна Македонија кои се на возраст од 16 до 22 години.
Приближно 40 млади луѓе имаат можност да учествуваат во младинската летна школа која што претставува платформа за зајакнување на младите како агенти за промени. Учесниците, преку интерактивни методи на работа ќе имаат можност да се запознаат и дружат со врсници од целата земја и да се стекнат со нови вештини поврзани со личен развој, интерперсонални односи и тимска работа.
Како што беше наведено и во повикот, летната школа ќе се заснова на пристапот „Спорт за развој“, користејќи го спортот како педагошка алатка за промовирање на младинската едукација, инклузија и личен развој на учесниците.
На отворањето на младинската летна школа присуствуваше државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу кој во своето обраќање нагласи дека социјалната инклузија не е само збор, туку дека тоа е животна мисија.
„Вашата енергија, креативност и желба за правичност се клучот за градење на општество каде секој ќе има еднакви шанси да се развива и да живее достојно. Оваа летна школа е ваш простор да ги развиете тие вештини, да се поврзете со луѓе кои го делат истиот ентузијазам и се надевам дека ќе ви донесе не само знаење, туку и инспирација, храброст и сила да продолжите понатаму, и покрај сите предизвици. Нека оваа енергија и заедништво што ќе ги изградите овде, ве водат низ цел живот,“ порача Сабриу.
Тој на присутните млади им посака многу успешни денови, фер плеј, искрени пријателства и безброј моменти со кои ќе се потврди дека се на вистинското место, со цел да го направат светот подобар!
„На нас останува да продолжиме да ве подржуваме и вложуваме во вас, затоа што само така ќе изградиме здрава, активна и самосвесна генерација – генерација која ќе го гради подоброто утре!“,рече Сабриу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

