Македонија
Прва пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација
Основниот суд во Неготино, како надлежен првостепен кривичен суд, одлучувајќи по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Кавадарци, а по кривична пријава од „Квир центар“, против лицето С. М. од општина Демир Капија, за сторено кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, на 15 март 2024 година донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.
Обвинетиот во јули минатата година на социјалната мрежа „Фејсбук“ под споделена медиумска содржина има напишано два коментара со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Ова е прва осудителна пресуда во судската пракса на Македонија, со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, иако уште од февруари 2014 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик говорот на омраза е класифициран како кривично дело, па оттаму се забранува и казнува говор на омраза и ширење материјали преку интернет, кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа. Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем предвидена е казна затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група.
Скопскиот „Квир центар“ ја поздравува одлуката на судот, кој демонстрира дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ+ луѓето. Говорот на омраза поттикнува сторување дела од омраза, па „Квир центар“ смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат цел на говор на омраза или дела од омраза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

