Македонија
Прва седница на Комисијата за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници
Денеска се одржа Првата седница на Комисија на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Комисијата ја отвори и со неа заседаваше Талат Џафери, пратеник во Пратеничката група на Коалицијата Европски фронт, а присутни беа пратениците од сите политички партии застапени во Собранието.
Комисијата има за цел следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, и затоа ќе соработува и со Владата на Република Северна Македонија. Комисијата може да дава препораки, мислења, како и заклучоци кои треба да се применат од органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, а кои ќе бидат во однос на оваа состојба.
Заеднички заклучок од денешната конститутивна седница беше барање Владата да го достави Акцискиот план за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Исени со претставници на чешката служба за внатрешна контрола: фокусот на соработката меѓу двете служби за сузбивање на криминалот во редовите на полицијата
Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска во МВР ги прими директорот на генералниот директорат на безбедносните сили (ГИБС) на Чешка, Хендрих Вит придружуван од заменик директорот на ГИБС, Петар Хвистек и полковник Андреа Шторхова, кои инаку се во дводневна работна посета на македонското МВР, односно на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР на РСМ.
Исени поздравувајќи ги гостите од Чешка ја потенцираше досегашната извонредна билатерална соработка меѓу полициите на двете земји оценувајќи ја како партнерска и крајно конструктивна, особено во делот на поддршката на нашите напори за исполнување на бараните европски стандарди и критериуми во насока на целосно интегрирање на земјата во ЕУ. Воедно, токму соработката меѓу специфичните организациони единици за внатрешна контрола на двете полиции беше потенцирана како еден од многуте конкретни и практични примери за успешното меѓусебно разбирање и партнерство во остварување на заедничките интереси.
Инаку, ГИБС е институција која врши контрола над работата на полициски службеници, припадници на затворска полиција, судска полиција и царинска управа на Чешка, и деновиве заедно со домаќините – нашите припадници на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, имаа плодни работни средби во кои што, меѓу другото, фокусот беше ставен на развивање и продлабочување на соработката меѓу двете служби на полето на остварување на внатрешна контрола на работниците и сузбивање на криминалот во редовите на полицијата.
Македонија
Втора седница на советот за имплементација на проектот за администрирање на социјалното осигурување – СИАП
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ја водеше втората седница на Советот за следење на имплементацијата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување – СИАП.
Пред присутните, Велковски накратко се осврна на СИАП проектот за чие имплементирање и координирање надлежно е Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и на Советот за следење на неговата имплементација и на улогата на Советот.
Основна цел на Проектот е подобрување на квалитетот на услугите во администрирањето на социјалното осигурување и унапредување на законската рамка која ги уредува прашањата кои се однесуваат на вработувањето и работното оспособување на лицата со попреченост и ревидирањето на листата на работните места со стаж на осигурување со зголемено траење (бенефициран стаж).
„Според активностите на проектот, може да се заклучи дека станува збор за прилично комплексен и обемен проект од аспект што неговата реализација ги вклучува речиси сите институции на задолжителното социјално осигурување, па и повеќе. Поради тоа, формиран е Совет кој има за задача да го следи спроведувањето на активностите во рамки на институциите надлежни за имплементација на СИАП проектот и роковите за нивно спроведување и да носи заклучоци за прашања поврзани со спроведувањето на активностите од Проектот“, рече Велковски.
На денешната седница на Советот, беше разгледана информацијата за активностите во СИАП проектот и нивниот тековен статус на имплементација, а фокусот беше ставен на воспоставувањето на единствениот регистар на задолжително социјално осигурување.
Македонија
Арсовска: Да го градиме Скопје како град на успеси и перспективи
Денес, одбележуваме важен јубилеј, одбележуваме 80 години од ослободувањето на нашето Скопје – момент кој значи не само ослободување од тешкото бреме на војната туку и почеток на самостојност, независност и непрекината борба за подобро утре, се истакнува во соопштението од Град Скопје по повод денот на ослободувањето на Скопје.
„Овој историски ден е симбол на победата на духот, на решителноста и храброста на генерациите што со својата пожртвуваност ја донесоа слободата за сите нас. Тие херои, со неуморната борба за правда и достоинство, ни оставија аманет да го негуваме и почитуваме она што тие го постигнаа – да го градиме Скопје како град на успеси и перспективи.
80 години подоцна, ние сме сведоци на независна и суверена Македонија и Скопје како нејзин центар на културата, напредокот и единството. Оваа годишнина е момент да се обврземе и да ги вложиме нашиот труд и посветеност за нови победи и постигнувања во иднината.
Со гордост и почит да се однесуваме кон споменот на нашите предци и нивните дела и обединети во напорите да го направиме нашиот град поубав, поуспешен и посветол за идните генерации“, е нагласено во информацијата од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.