Македонија
Прва стручна обука за вработените во Агенцијата за катастар на недвижностите: Континуирана едукација за поквалитетна услуга на граѓаните
Денеска во Скопје, во организација на Агенцијата за катастар на недвижности, се одржа првото советување наменето за правниците од агенцијата на тема „Актуелните дилеми и предизвици во врска со запишување на правата со сопственост во катастарот на недвижности, со посебен осврт на прашањата од практиката и работењето“. Главната цел на ова советување беше да се постигне воедначеност при постапувањето по предметите, со цел корисниците да ја имаат потребната правна заштита.
Ова е првото стручно советување ваков тип организирано од Агенцијата за катастар на недвижности. Како дел од заложбите на раководството за унапредување на стручноста на вработените и квалитетот на услугите за граѓаните, планирано е ваквиот тип на стручни советувања да станат редовна пракса и да се одржуваат неколку пати годишно.
На настанот свое поздравно обраќање имаше директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, а во работниот дел стручни презентации одржаа професорката на правниот факултет во Скопје, Тина Пржеска, чие видување беше поткрепено со примери од практичната работа со која се соочуваат нотарите и извршителите, заедно со правниците и геодетите од Агенцијата за катастар на недвижности. На стручното советување, обраќање имаа нотарот Марјан Коцевски, извршителите Зорица Симиќ и Весна Јакимовска, како и државниот советник Елеонора Стефановска, која го стави фокусот на Законот за катастар на недвижности.
Во рамки на поздравното обраќање, директорот Живковски нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности работи врз основа на принципите на законитост, стручност, ефикасност, отвореност, сервисна ориентација, професионалност и одговорност за работењето и постигнатите резултати.
„Затоа, потребно е постојано учење на нови содржини и усогласување на постапките согласно со актуелните закони и правилници,“ истакна тој.
Тој додаде дека агенцијата, преку ваквите обуки, обезбедува континуирана едукација за вработените, со цел тие да овозможат поквалитетни и поцелосни услуги на корисниците.
„Агенцијата за катастар на недвижности се грижи за заедницата не само преку редовните сервиси и услуги кои ги обезбедува секојдневно, туку и преку обезбедување континуирана едукација за вработените, со која ќе им овозможи поквалитетни и поцелосни услуги на корисниците,“ додаде директорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

