Македонија
Првиот лет од Софија до Скопје на 11 февруари, со него доаѓа бугарска делегација
Првиот лет од Софија до Скопје пристигнува на 11 февруари, при што со бугарска делегација предводена од министерот за транспорт и комуникации на Бугарија, Николај Сабев, придружуван од бугарските тур-оператори, ќе оствариме заедничка средба и ќе разговараме за отворање на нови можности за нашите граѓани и за воспоставување на авиолинијата Скопје – Софија како редовна, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска од Кочани, при увид во изградба на социјална зграда.
Бочварски очекува авиолинијата да ги поврзе двата главни града и да започне редовно да оперира од почетокот на месец март.

Тур-операторите од двете земји, на заедничката средба, ќе понудат и трета дестинација, дополнување од летот Софија – Скопје, која треба да понуди нови можности за нашите граѓани.
„На 10 февруари во Софија ќе имам работна средба со министерот Сабев, заедно со нашите тимови од Комисијата за транспорт и инфраструктура, а веќе наредниот ден на 11 февруари, ќе се реализира првиот лет Софија – Скопје, каде министерот, со бугарските тур-оператори ќе пристигнат во нашиот главен град. На заедничката средба, тука кај нас, вклучително и со нашите тур-оператори, ќе разговараме за воспоставување на оваа линија како редовна, со која ќе овозможиме нови поволности и најдобри солуции за нашите граѓани. Имаме и заинтересирана авиокомпанија за реализација на оваа авиолинија и очекувам таа да стане редовна од почетокот на месец март“, изјави министерот Бочварски.
Иницијативата е дел од договорите и разговорите кои во последниот месец се интензивираа помеѓу Владите на Северна Македонија и Бугарија, со цел развивање на економијата, туризмот и комуникациите меѓу двете земји.
Бочварски при увидот на изградбата на социјалната зграда во Кочани, каде се градат 34 социјални станови, рече дека очекува зградата да биде готова до крајот на годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од скопски Чаир
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( сабота ) поради дефект на четири затварачи од ф – 100 мм на раскрсница меѓу улиците Лазар Танев и Казанџиска, во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Лазар Танев, Казанџиска, Сали Хасим, Кујунџиска, Архиепископ Ангелари, Макарие Фрчковски и Ќурчиска. (Општина Чаир )
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати
СДС е против „Безбеден град“ и покрај бројките и јасните резултати, помалку жртви, помалку повредени, а повеќе безбедност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче се против безбеден град, против заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, против намалувањето на повредени и човечки жртви во сообраќајот. СДС се против и покрај фактите и бројките за помалку жртви и помалку повредени, СДС се против се што е добро ако не е од нив. СДС додека беа на власт 8 години ништо не направија за да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ги заштитат граѓаните. Зошто СДС и Оливер Спасовски цели 8 години не усогласиле ништо поврзано со Законот за заштита на лични податоци. За разлика од СДС изминатите неколку недели Министерството за внатрешни работи усогласи околу 11 акти со Агенцијата за заштита на личните податоци“, велат од партијата.
Од таму додаваат дека целта на „Безбеден град“ е да ја зголеми безбедносната култура на граѓаните, целта на „Безбеден град“ не е да казнува, туку да спаси човечки живот, да имаме колку што е можно помалку сообраќајни прекршоци, помалку повредени и колку што е можно помалку човечки жртви.
„На почетокот безбеден град детектира над 100.000 прекршоци дневно, а сега имаме драстично помалку сообраќајни прекршоци дневно. Со безбеден град успеаја бројот на починати, како последица на непочитување сообраќајни правила, на територија на СВР Скопје да го намалат од 11 споредено со декември и јануари минатата година на 2 смртни случи во декември 2025 и јануари 2026 година, заклучно со 20 јануари. Бројот на повредени лица, како последица на непочитување на сообраќајни правила, споредено за овие 50-тина дена со крајот на 2025 со почеток на 2026 година и крај на 2024 со почеток на 2025 година за истите месеци декември и јануари е намален за 35 отсто. Имаме за 35 отсто помалку повредени лица на територија на СВР Скопје компарирано со претходните два месеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата
Општина Центар распиша конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата за 2026 година, со цел унапредување и збогатување на локалната културна сцена.
„Општина Центар е препознатлива по својата автентична културна понуда, по креативните идеи и уметничките изрази што го оживуваат јавниот простор. Ги повикувам сите уметници, здруженија и организации од областа на културата да се пријават на конкурсот и да бидат дел од центарската приказна“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Приоритет имаат проекти што ја промовираат современата уметност, вклучуваат различни возрасни групи и афирмираат млади професионалци.
Предложените проекти треба да бидат од областа на изведбените, музичките и визуелните уметности, уметноста на новите медиуми, издавачката и библиотечната дејност, како и промоција на културното наследство.
Пријавите со целокупната документација може да се достават по пошта на адреса Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности, Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, или лично во Архивата на Општина Центар (барака 6), секој работен ден од 9 до 15 часот.
Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавувањето на конкурсот на општинската веб-страница.
Повеќе информации на:Јавни повици | Општина Центар

