Македонија
(Видео) Првите механички вентилатори донирани од ЕУ предадени на Министерството за здравство
Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Самуел Жбогар, им ги предаде првите 12 мeханички вентилатори на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и на заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, за зајакнување на капацитетите на здравствениот систем во борбата со Ковид-19. Исто така, ЕУ обезбеди и 5.000 заштитни маски. Оваа прва испорака е дел од најавената поддршка од ЕУ во вредност од 4 милиони евра за Владата на Северна Македонија за итна набавка на неопходна медицинска опрема и материјали.
„Ова претставува прва пратка од солидарната поддршка од ЕУ наменета за Северна Македонија во борбата со Ковид-19. Ќе имаме дополнителни испораки во следните недели. Ја поддржуваме и ќе продолжиме да ги поддржуваме земјата и граѓаните во надминување на овој заеднички предизвик“, изјави амбасадорот Жбогар.
Во согласност со приоритетите на Владата, со поддршка на ЕУ, ќе се набават вкупно 20 механички вентилатори, 20 монитори за интензивна нега, 626 сета за 31.300 теста и реиси 40.000 парчиња разна медицинска опрема, како кислородни маски, филтри, катетери и други неопходни материјали за потребите на здравствениот сектор. Обезбедените средства исто така ќе се користат за набавката на навистина потребната заштитна опрема за здравствените работници, и тоа 30.000 заштитни маски за лице, 100.000 хируршки маски, 750.000 хируршки ракавици, 20.000 заштитни очила и друга основна заштитна опрема. Оваа претставува најзначајна меѓународна поддршка, која државата ја добива во справување со последиците предизвикани од епидемијата на новиот коронавирус.
„Во овие исклучително неизвесни времиња за целиот свет, конкретната и особено видлива помош од Европската Унија како несомнено најголем наш донатор во кризата предизвикана од пандемијата дава чувство на сплотеност, солидарност и сигурност дека заедно ќе излеземе од ова премреже.
Дека сме третирани речиси како земја членка на Унијата во поглед на вклученост во механизми и фондови за справување со пандемијата од вирусот Кодив-19 и нејзините последици, говори не само денешната значајна донација во вистински момент – од 12 комплетно нови респиратори, како и 5.000 заштитни маски FFP2 за здравствените работници, туку и целокупната нивна досега планирана помош. Би сакал да упатам искрена благодарност до ЕУ што ги препозна и поддржа нашите напори за справување со овој заеднички глобален предизвик и особена благодарност што ни дадовте чувство на припадност во тимот Европа“, изјави Димитров.
Набавката на приоритетна медицинска опрема и материјали ја спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги – УНОПС, која на глобално ниво ги активира процедурите за итни набавки за да им помогне на земјите да одговорат на кризата предизвикана поради пандемијата. Целокупната количина опрема и материјали се очекува да биде доставена до почетокот на јуни 2020.
„Во оваа прва фаза на проектот, Министерството за здравство доби 12 комплетно нови машини за механичка вентилација, кои ќе бидат ставени на располагање за третман на најкомплексните случаи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во ГОБ ‘8 Септември’ во Скопје, како и 5.000 заштитни маски FFP2, кои се дел од личната заштитна опрема на здравствените работници“, изјави заменик-министерот за здравство, Арслани.
Освен оваа поддршка за справување со кризата предизвикана од пандемијата, ЕУ обезбеди 66 милиони евра за поддршка на Северна Македонија за надминување на ефектите предизвикани од Ковид-19, а е во процес на обезбедување дополнителни 160 милиони евра, кои ќе бидат достапни како заеми за справување со фискалните предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

