Македонија
Првите три училишта во Центар добиваат фотоволтаични системи
ТД „Енергија Центар“ ќе ги постави првите фотоволтаични централи во општинските основни училишта „Киро Глигоров“, „11 Октомври“ Скопје и „Јохан Хајнрих Песталоци“. Советниците од Општина Центар на денешната 24 седница на Советот дадоа согласност за поставување фотоволтаични системи на кровните конструкции на првите три општински училишта.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на седницата појасни дека инсталирањето на фотоволтаичните централи ќе започне по завршување на училишната година односно кога училиштата ќе бидат празни и во нив нема да има ученици.
„Навистина сум горд што Општина Центар ги носи иновациите и ги применува најефикасните технологии кои ќе донесат голем бенефит за многу генерации по нас. Ние ќе правиме напори проектот да се реализира во текот на летните месеци за од септември веќе да бидат во функција. Секако не зависи само од нас туку и од временските прилики потребни за поставување на фотоволтаичните системи на кровните површини на училиштата. Денеска имавме и состаноци на кои баравме начини како да се задолжи и претпријатието со цел проектот да го реализираме во сите три основни училишта. Верувам дека ќе се најде решение и сигурен сум дека ќе имаме успешен проект кој ќе биде пример и за останатите општини“, рече Герасимовски на седницата.
Според договорот Општина Центар односно ТД „Енергија Центар“ ќе ја преземе одговорноста за било какво оштетување на кровните површини или причината евентуална штета со протекување. ТД „Енергија Центар“ исто така ќе го направи и осигурувањето на фотоволтаичните системи.
Фотоволтаичните системи ќе бидат поставени со цел производство на електрична енергија од обновливи извори за покривање на потребите од електрична енергија од страна на училиштата. Додека заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе бидат искористени за нови проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

