Македонија
Во Делчевско откриени првите случаи на африканска свинска чума во земјава
Врз основа на добиени лабораториски наоди од Институтот за ветеринарна медицина од 6. јануари, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го потврди првиот случај на присуство на болеста африканска свинска чума во две огледувалишта во делчевското село Драмче каде се угинати 14 свињи.
Директорот на АХВ, Николче Бабовски, донесе решение со кое нареди преземање на контролни и заштитни мерки за контрола и сузбивање на болеста, а за појавата на болеста официјално ги извести и Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ) и Европската комисија.
„На целата територија на државата се забранува промет и движење на свињи, одржување на изложби или друг вид на спортски или културни настани за сите приемчиви животни на оваа болест, а до крајот на месцов ќе се спроведе и вонреден попис на свињите и клинички преглед во огледувалиштата“, се наведува во соопштението на АХВ.
Во сите ловишта во Источниот регион во кој спаѓаат општините Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново Облешево и Штип, каде целосно е забранет ловот (за сите видови на дивеч), ловните друштва и концесионерите на ловиштата имаат обврска да вршат пребарување на ловиштето за пронаоѓање на угинати диви свињи, земање на мостри од истите и нештено отстранување на угинатите диви свињи.
Пронајдените угинати диви свињи треба да се пријават кај официјалените ветеринари.
Стручни тимови составени од претставници од АХВ, МВР, претставници од локалната самоуправа од општина Делчево и од ветеринарните друштва, од вчера се на терен и ги спроведуваат наложените мерки.
„Во одгледувалиштата каде е потврдено присуството на болеста, извршена е еутанизација (хумано убивање) на 6 свињи, земени се мостри за лаборатиориско испитување, а лешевите на угинатите и еутанизираните животни, под официјален надзор, се нештетно отстранети и закопани“, нагласуваат од АХВ.
Со цел уништување на вирусот, во овие одгледувалишта извршена е и темелна дезинфекција на просторот и опремата, преземени се и мерки за нештетно отстранување на свежо месо, подготовки од месо и производи од месо кои се затекнати во фрижидерите во домаќинствата во чии одгледувалишта е потврдено присуството на болеста. Во заштитната зона со радиус од 3 километри околу потврдените жариштa, вкучувајќи ги населените места Драмче, Очипала, Киселица и Ветрен во општина Делчево, се спроведува попис и клинички преглед на сите одгледувалишта, а воведена е и забрана за движење и превоз на свињите во и од сите одгледувалишта од оваа зона.
За утврдување на можниот извор на заразата во одгледувалиштата од заштитната зона ќе се изврши и епидемиолошко испитување како и одземање, убивање и нештетно отстранување (депопулација) на сите свињи од кои ќе се земаат мостри за лабораториско испитување. За одгледувачите на сила е и мерката за задолжително пријавување на секој сомнеж на болеста и на угинување на животни.
Во зоната под надзор (во радиус од 10 километри околу жариштата каде болеста е потврдена), а која ги опфаќа општините Делчево и Македонска Каменица со населените места Ѕвегор, Габрово, Полето, Костин Дол, Селник, Косевица, Македонска Каменица, Луковица, Тодоровци, Бигла, Косово Дабје, Делчево, Турија и Иливо, се забранува движење и превоз на свињите во и од сите одгледувалишта од заштитната зона, освен ако свињите се упатуваат на колење во најблиската соодветна кланица.
Таму наредени се мерки за следење на состојбата и за спроведување на засилени биосигурносни мерки на фармите, а засилени ќе бидат и контролите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ утре од 11 часот ќе ја блокира Владата: Ќе донесеме и одлука за генерален штрајк, видовме дека на маса не нè слушаат
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре во 11 часот со 21 работник ќе ги блокира влезовите во Владата оти се игнорираат нивните барања минималната плата да се зголеми на 600 евра и сите останати за 100 евра, а најави и одлука за генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и денес објасни зошто само 21 работник ќе је блокира Владата.
„ Зошто 21 човек? Затоа што тоа е законскиот минимум за да блокираме некоја институција или некоја сообраќајница. 21 човек затоа што некој кажа дека ќе ги заокружуваат луѓето кои протестираат, дека ќе ги оцрнуваат луѓето кои ќе протестираат и дека на таков начин сакаат да упатат порака до секој еден кој смета дека треба да излезе на улица и да даде поддршка на работниците односно да се поддржи самиот себе во борбата за платите“, објасни претседателот на ССМ Трендафилов.
Тој потсети дека ССМ протестира оти Владата и газдите до 31.12. не се договорија за зголемување на платите.
„Владата ги остави работниците на минимална плата да се договараат со газдите за зголемување на минималната плата, а кога синдикатите и работодавачите минатата година се договорија за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари и за таков начин Владата да даде сопствен придонес преку ослободување од плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување, денеска поради самобендисаноста на поединци во Владата таа одлука го чини државниот буџет или државната каса најмалку 10 милиони евра месечно или најмалку 120 милиони евра годишно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ нема да сопре со активностите за зголемување на минималната лата со блокадата на Владата. Доколку повторно не наиде на соработка, Трендафилов најави генерален штрајк.
„Пред донесување одлука за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор сме. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Сметаме дека сите треба да застанеме рамо до рамо бидејќи видовме дека на маса не нè слушаат, а од улица нè слушаат“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ по големиот протест во јануари, овој месец веќе ги блокираше Собранието и стопанските комори и од улица им порача на пратениците и на работодавачите дека нема да се откаже од барањето минималната плата да се зголеми ан 600 евра, а сите останати да се зголемат за најмалку 100 евра.
И покрај протестот и блокадите на работниците Владата не се премисли и остана на ставот дека работниците треба да се договорат со работодавачите за зголемување на минималната плата, а онаму каде што Владата е работодавач, веќе договори зголемување на платите за 40 % до 2028 година.
Македонија
Сиљановска-Давкова со раководството на Факултетот за музичка уметност: потенцирана важноста на едукативната и педагошката работа
По повод големиот јубилеј 60 години постоење и дејност на Факултетот за музичка уметност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими деканката проф. м-р Дарија Андовска, продеканката за настава и наука, проф. д-р Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, вонр. проф. м-р Марија Вршкова.
За деканката Андовска успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќето генерации наставен кадар.
Јубилејот добива на тежина и значење заради фактот дека за релативно кусо време, вработените постигнале далеку поголеми резултати од факултетите, односно музичките академии од регионот, стари и по стотина години.
Честитајќи им го роденденот, претседателката ја потенцираше важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, којшто изнедрил музички и уметнички великани како Симон Трпчевски.
За Сиљановска-Давкова, неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот.
Таа со задоволство ја прифати поканата да биде покровителка на јубилејот на институцијата којашто е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонијата, Националната опера и балет, Националниот џез оркестар, како и на бројните ансамбли и оркестри.
Професорките ја запознаа претседателката со тешките предизвици од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти и опасноста од згаснување на некои катедри во отсуство на кадар.
Тие очекуваат преиспитување и измена на низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование во претстојната дебата.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

