Македонија
(Видео) Прв случај на коронавирус во земјата
Потврден првиот случај на коронавирус во земјата. Се работи за жена, родена 1970 година, од Скопје. Како што изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на вонредна прес-конференција, таа се вратила утрово од Италија, каде што престојувала еден месец.
Тој рече дека биле извршени лабораториски тестирања на материјал од пациентката и дека резултатите покажале оти таа е позитивна на коронавирусот.
Жената патувала со комбе преку Табановце, а потоа со друго домашно возило била пренесена до скопските клиники.
„Нема простор за паника. Пацентката е сместена на Инфективната клиника во Скопје, во одделот за изолација, се третира соодветно за нејзината состојба, со епидемиолошки анализи, прашањата што ѝ беа упатени укажаа дека таа веќе еден месец била во Италија на прошетка и во посета на свои роднини. Ова ни дава право да мислиме дека инкубацијата е одамна помината и дека не претставува опасност да ја пренесе болеста. Сепак, сега се прави проверка на сите патници што патувале со неа во комбето и тие ќе бидат во 14-дневна изолација“, рече Филипче. Тој додаде дека пациентката била болна веќе две недели.
Филипче упати апел до сите институции кои имаат вработени што патувале во Италија да не ги примаат вработените на работните места, туку да останат дома 14 дена во карантин. Рече дека е во интензивна комуникација со грчкиот, српскиот и со косовскиот министер и се преземаат сите мерки.
„Карантин има за сите оние што знаеме дека сигурно имале контакт со заразено лице“, рече Филипче.
Д-р Жарко Караџовски изјави дека стручна екипа од Институтот за јавно здравје веднаш заминал на Инфективната клиника за да направи епидемиолошка анкета и увид на лицето.
„Едно позитивно лице не претставува ризик за преостанатото население. Упатувам смирувачка порака дека нема простор за паника. Спремни сме за половина час да мобилизираме екипа и она што за мене е битно – е дека ние владееме со состојбата. Не можеме да го спречиме трансферот на луѓе, стока, пари и капитал, но имаме контрола врз ситуацијата“, рече тој.
Караџовски изјави дека граничната полиција постапува во согласност со протоколите, односно на сите лица што влегуваат во земјата им се поставуваат 6 епидемиолошки прашања и ако тие изјават дека имаат одредени симптоми на болеста, се тргаат на страна.
Епидемиолошката служба што дежура на скопскиот аеродром, пак, врши скенирање со термокамера и вршат епидемиолошка анкета, а лицата со симптоми на болеста ги тргаат на страна во просторијата за изолација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

