Македонија
Превентивни активности на МВР за заштита од пожари и за поголема безбедност во сообраќајот
Полициски службеници од секторите за внатрешни работи Скопје, Битола, Велес, Штип, како и од Регионалниот центар за гранични работи „Север“, во текот на вчерашниот ден реализираа низа превентивни активности на подрачјата во нивна надлежност, поврзани со теми од областа на безбедноста во сообраќајот, како и заштита на шумите од шумски пожари, извести МВР.
„Така, на подрачјето на СВР Скопје, односно на територијата на општина Чучер Сандево, во рамките на кампањата за превенција од шумски пожари, со жителите на населените места од овој дел на Скопје беа одржани повеќе средби со цел подигање на јавната свест за внимателно и одговорно однесување кон шумскиот фонд, особено во поглед на ризиците од шумски пожари. Идентично на ова и полициски службеници од ПС за ГП и ГН Пелинце, во рамките на едукативните предавања во Основното училиште ‘Св. Кирил и Методиј’ во Агино Село и Романовце говореа за важноста од заштита на шумите, иако дел од едукативната настава беше посветена и на темата за сообраќајна безбедност на учениците“, соопшти МВР.

На подрачјето на СВР Битола, односно во Демир Хисар, полициски службеници од ОВР Демир Хисар реализираа едукативно предавање за учениците од Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар со мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, а полициски службеници од ОВР Крушево на подрачјето на селата Лажани и Кошино, во содејство со Шумската полиција, реализираа превентивна активност од областа на заштитата од пожари.
Отсекот за превенција при СВР Велес, пак, во Основното општинско училиште „Рајко Жинзифов“ во село Горно Оризари, Велешко, по повод Европскиот ден на мобилноста реализира едукативна работилница на тема „Безбеден сообраќај, безбедни велосипедисти, безбедни пешаци“.
И во рамките на СВР Штип вчера беа реализирани две превентивни акции. Првата од страна на полициски службеници од ПС од ОН Виница, кои на регионалниот пат Кочани – Берово, кај месноста Пекљанска крстосница, спроведоа активности со мотото „Биди паметен! Не заборавај, стави појас“, а втората едукативна работилница со средношколци од трета година од Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе беше спроведена од страна на полициски службеници од ОВР Свети Николе на тема „Возач почетник“, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

