Македонија
Превентивни активности на МВР за побезбеден сообраќај, заштита од пожари и имотни деликти
Полициски службеници од Секторите за внатрешни работи Битола, Штип и Велес во текот на вчерашниот ден (06.10) реализираа превентивни активности пред се од областа на сообраќајната безбедност и заштитата од имотни деликти.
Така, на подрачјето на СВР Штип, во Штип поточно на локации околу Градскиот пазар беа реализирани превентивни активности примарно фокусирани на заштитата и превенцијата од џебни кражби, како и за превенцијата од кражби и измами, спроведени на повеќе локации во Делчево.
Отсекот за превенција при СВР Велес пак, вчера, на магистралниот пат А1 (Градско-Прилеп) кај селото Сирково, реализира превентивна активност од областа на безбедноста во сообраќајот, со посебен акцент на задолжителното користење заштитни појаси и управување на возило со брзина дозволена согласно условите на патот.
На подрачјето на СВР Битола, поточно во Македонски Брод, полициски службеници од ОВР Македонски Брод спроведоа едукативна работилница од областа на сообраќајот со учениците од ООУ „Свети Климент Охридски“, додека пак полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола во рамки на одбележувањето на Детската недела во основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола за првооделенците реализираа предавање за безбедноста во сообраќајот. Исто така, превентивни активности организираа и спроведоа ОВР Ресен и ОВР Демир Хисар, а на темите околу спречување и заштита од бесправна сеча на дрва и заштита на шумите од пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

